Спектакл на звук, светло и слика на отворањето на „Охридско лето“
Шпанската атрактивна компанија „Ла Фура делс Баус“, Македонската филхармонија со маестро Андреас С. Вајзер утревечер во Антички театар ќе го означат стартот на 51. фестивалско издание
Тина Иванова
Благодарен сум на поканата да дојдам во Охрид. Првпат сум во Македонија и ми претставува голема чест да го отворам ’Охридско лето‘, бидејќи овој фестивал има прекрасна традиција“, рече на вчерашната прес-конференција во Охрид, маестро Андреас С. Вајзер, германскиот диригент кој, меѓудругото, е и чест асистент на големите диригентски имиња на Њујоршката филхармонија како Мехта и Мазел. Тој додаде дека оркестарот на Македонската филхармонија е добро подготвен за изведбата на делото „Трилогија Романа“ од италијанскиот композитор Оторино Респиги, со кое утре, во продукција на атрактивната шпанска компанија од Барселона, „Ла Фура делс Баус“, во Античкиот театар во 21 часот, свечено ќе биде отворено 51 издание на фестивалот „Охридско лет��“.
„Делото на Респиги е навистина комплексно, особено третиот дел, но оркестарот е подготвен, упорен и има желба да свири. Јас сум среќен што ќе настапувам во Охрид, каде што настапувале имиња како Ростропович со кого сум соработувал“, рече Вајзер.
„Трилогија Романа“, кое македонската публика на утрешното свечено отворање ќе има можност да го слушне, е составено од три дела, „Римските свечености“, „Фонтаните на Рим“ и „Боровите на Рим“. Маестро Вајзер го опиша како три слики, како интересна музика која ќе има атрактивна визуелна претстава. Рече дека во Охрид ќе се изведува нетрадиционално, односно ќе биде променет редоследот на ставовите. „Ова дело треба да се доживее, тешко се опишува, во него има и уникатни моменти, како на пример, ќе слушате птици како пеат.“ Инаку, Македонската филхармонија утревечер првпат интегрално ќе го изведе делото. Досега, оркестарот извел само два дела.
Еден од продуцентите на „Ла Фура делс Баус“, Давид Пасквал, кој деновиве во Охрид ја подготвува визуелизацијата за отворањето, рече дека публиката ќе ужива во спектакл од светло, слика и звук. „Музиката во овој проект е најважниот сегмент. Целиот настан се однесува, всушност, на Рим. Сакавме да направиме разгледница на градот, па испадна како еден звуковен водич низ Рим. На сцената ќе бидат поставени два екрана, преден и заден, додека оркестарот од 96 музичари ќе биде во средината. Публиката ќе гледа во предниот екран и ќе го гледа оркестарот како во сон. Но, на моменти предниот екран се подигнува, па публиката ќе може да се фокусира на оркестарот јасно. На предното платно ќе се прикажуваат проекции со вода и оган на пример, додека на задното ќе бидат сликите од сите делови на ’Трилогија Романа‘. Од страната се поставени два големи звучници, сцената е осветелна, а светлото се менува во зависност од звукот. Всушност, музиката на Респиги сакаме на гледачите да им ја доближиме преку светло и слика“, рече Пасквал.
Селекторот на музичката програма на фестивалот, Гордана Јосифова-Неделковска, истакна дека и годинашново отворање, како и во изминатите години, ќе претстави посебен проект кој привлекува исклучително внимание, проект кој е дел од светската премиера. „Бидејќи, ’Охридско лето‘ тежнее новите трендови од светските сцени да ги донесе овде. И годинава фестивалот ќе понуди нова програма, достојна за неговото реноме, ќе донесе нови имиња кои првпат доаѓаат во Македонија“.
Свеченото отворање ќе почне со поздравен говор. Од името на уметниците на Македонија ќе се обрати актерот Петар Темелковски, а фестивалот за отворен ќе го прогласи неговиот покровител, претседателот на Македонија, Ѓорѓе Иванов.
Атрактивната, често радикална и контроверзна, современа компанија „Ла Фура делс Баус“ е формирана во 1979 година и оттогаш се бави со нови предизвици во областа на сценските уметности. Соработува со најпрестижните театарски куќи во светот, како Париска опера, Миланска скала, Англиската национална опера, Римската опера, создава продукции на дела од класичната музичка литература во досега невидено светло. „Охридско лето“ е всушност дел од светската премиера на „Трилогија Романа“, која почна во Валенсија на 17 јуни, а потоа и во Рим на 2 јули. |