Фрекфенција звучна
Да го заштитиме „Охридско лето“ од контаминација
Тина Иванова
Идентитетот на културата се менува секаде во светот. Но, кај нас се чини целата културна сцена е претворена во политички послушна локална манифестација
Почнува „Охридско лето“. Почнува најзначајната и најдолгата културна манифестација во земјава. И годинава на консументите на уметноста, на домашните и на странските туристи, па и на случајните посетители, ќе им понуди околу четириесет содржини. Најмногу музика, помалку театар, најмалку изложби. Тие ќе ги окупираат прекрасните простори на древниот Охрид, особено Античкиот театар и црквата „Св. Софија“.
Селекторите на музичката и театарската програма, барем во најава, си ја завршија својата задача беспрекорно што се однесува до исполнувањето на многудневната програма, која кореспондира со веќе одамна зацртаните норми. Критериумите за тоа каква, во основа, треба да биде составена естетската рамка во која ќе се движат уметничкит�� производи, исто така. Секако, допрва ќе се зборува за квалитетот на настаните. Судот, оценките, впечатоците, на крајот се во моќта на публиката, на уметниците, на критиката.
„Охридско лето“ и годинава, во текот, но и во екот на неговите подготовки го тресеа неколку случувања кои, иако беа од политичко-кадровска природа што можеби за некои е банален и небитен момент во конципирањето на програмата, сепак, не му одат во прилог на реномето што оваа манифестација го градеше изминативе пет децении не само овде, ами и во светот. Ако пред две години, на пример, фестивалот се соочуваше со гафови во однос на содржината, кога на публиката и се пласираа чудни програми од областа на поп музиката или некои хибридни содржини кои драстично го намалија квалитативното ниво, ако му се случуваа откажувања настани поради недостиг од соодветна техника во која Охрид, заради „Охридско лето“, веќе одамна требаше да инвестира, годинава „Охридско лето“ стана топ-тема и пред неговото почнување, поради нешто друго.
Годинашново, 51. издание на „Охридско лето“ почна без директор. Всушност, сега има нов в.д. директор што се појави наеднаш, одникаде, за чие име досега нема слушнато културната јавност. Можеби ќе ги покаже оние свои квалитети за кои министерката за култура неодамна зборуваше и го оправдуваше неговото именување, иако во завиена и мистериозна форма, како тоа дека е поставен на функцијата поради сите факултети што ги има завршено и дека има добар бекграунд, фидбек и добро CV. Новиот в.д. директор беше донесен сосема на крајот од подготовките за годинашниов фестивал откако беа поништени два конкурса за избор на нов човек на „Охридско лето“. А, според министерката за култура, тие конкурси беа поништени токму поради фактот дека на нив не се пријавил ниту еден кој го познава фестивалот, достоен на нивото на задачата, со менаџерски и уметнички способности. Затоа се чекаше. Се чекаше и поради политичките избори. Се негираа и шпекулациите дека политиката е вмешана и овде. Дека за директор нема да се именува партиски човек.
Се чини, постојано се долева бензин таму каде што веќе е разгорен огнот. Но, да се надеваме дека кормилото на овој петдецениски културен брод по кој и светот не препознава, ќе го земе некој кој навистина ќе знае како да управува со него. Зашто, „Охридско лето“ не е обична манифестација. Малку се овие редови да се набројат имињата на уметниците, музичките и театарските ансамбли што доаѓале во Македонија токму поради овој фестивал. Имиња што пленеле со своите перформанси и поради чие присуство можеме да се гордееме дека и овде, во Република Македонија, се пласира врвна уметност.
Со оглед на инертната состојба во која се наоѓа културата во Македонија, со сеприсутноста на лошите, невкусни содржини што доаѓаат овде именувани како спектакли, а кои спектакуларно не замразуваат, ако ништо друго, барем преку агресивните најави во медиумите, да го зачуваме, да го забарикадираме барем „Охридско лето“ од контаминација. Зашто, „Охридско лето“ нуди, ако не секогаш, но често, вистински спектакли, величествени глетки, но и спектакли во смисла на иновација, прогрес, радикализам, поинаков пристап од вообичаеното, па и уметничка контроверзија.
Идентитетот на културата се менува секаде во светот. Но, кај нас се чини целата културна сцена е претворена во политички послушна локална манифестација со вкус и мирис на кичот и невкусот што со брзина на светлината пристигна и кај нас, иако мислевме дека тој никогаш нема да се институционализира на овие простори. Сега само се ужива во „самодопадливата самодоволност“. Затоа, ајде барем „Охридско лето“ да го заштитиме од валканите канџи на политиката и да не ја допираме неговата автентичност. |