Триумф за „Панкот не е мртов“ во Карлови Вари
„Кристалниот глобус“ во главната програма го доби израелскиот „Реставрација“, додека словачкиот „Ром“ освои три награди
Од нашиот известувач Сунчица Уневска
КАРЛОВИ ВАРИ - Македонскиот филм „Панкот не е мртов“ на Владимир Блажевски победи во програмата „Источно од Запад“ на Филмскиот фестивал во Карлови Вари, Чешка (од 1 до 9 јули). Во конкуренција од вкупно 12 филма „Панкот...“ набрзо се претвори во вистински хит на младата публика, но очигледно ги освои и членовите на жирито, предводени од бугарската продуцентка Росица Влканова, а во кое беа и рускиот и француски селектор, Ситора Алиева и Матие Дарас, српскиот режисер Стефан Арсениевиќ и полскиот продуцент Лукаш Диесол.
Филмот се искачи и високо на листата по гласовите на публиката во борбата за наградата што ја организира чешкиот весник „Право“. И иако оваа награда му припадна на словачкиот документарец „Фамилијата на Ники“, сепак, се до крајот „Панкот...“ остана меѓу првите десет. Во Карлови Вари се врати режисерот Владимир Блажевски за да го прими „Кристалниот глобус“. Инаку, оваа награда носи и паричен износ од 10 илјади долари. Во програмата „Источно од Запад“ беше доделено и Специјално признание за рускиот филм „Генерација П“ на Виктор Гинзбург, кој има одличен почеток, но потоа паѓа многу, па наградата беше изненадување.
Јосеф Мадмони доби награда од својот идол Сабо
Во главната програма, за која одлучуваше жирито предводено од големиот унгарски и светски автор Иштван Сабо, „Кристалниот глобус“ го понесе израелскиот филм „Реставрација“, додека Специјалната награда на жирито ја освои словачко-чешката копродукција „Ром“ на Мартин Шулик, кој доби и Специјално признание за главната улога на младиот Јан Мижигар. Инаку, овие награди се и парични, првонаградениот добива 30 илјади долари, а „Ром“ доби 20 илјади долари.
„Реставрација“ е исклучително дело за една антикварница во која се продава стар мебел, но режисерот Јосеф Мадмони прави многу интересна паралела со животите на неговите протагонисти. Овој филм ја има освоено наградата за сценарио на фестивалот во Санденс. Мадмони, при примањето на наградата, рече дека филмот е направен со многу љубов, а со малку пари и дека ова за него е како сон, бидејќи додека студирал, најголема инспирација му бил токму режисерот Иштван Сабо.
Филмот „Ром“, пак, на Мартин Шулик ги освои сите со приказната за 14-годишниот Адам, кој е вљубен во боксот. Но, откако татко му ќе биде убиен, во нивната куќа ќе влезе очувот, чии правила и барања ќе ги доведат работите до екстремност. Овој филм ја доби и наградата „Европа синема лејбл“, чија цел е да помогне во дистрибуцијата и промоцијата во европските кина.
Американскиот актер Дејвид Морс го доби „Глобусот“ за најдобра машка улога во одличното деби на Мартин Донован „Соработник“, за улогата на депресивниот Гас, кој не може да се помири дека не бил примен да биде маринец, што кулминира кога соседот ќе го земе како заложник. Дејвид Морс е фантастичен во оваа улога, за која раскажуваше дека е направена според вистински лик на негов сосед. А наградата за најдобра женска улога и' припадна на Стине Фишер Кристенсен за германската психолошка драма „Пукнатина во школката“ на Кристијан Швочоу. За режија беше награден авторот на стрипови Паскал Рабат, чиј филм „Одмор на море“ е направен според негов стрип. Додека данско-хрватскиот „Соба 304“ на Биргит Стермоус и' донесе награда за музика на Британката Џозелин Пук, која има работено и на делото на Стенли Кјубрик „Очи широко затворени“.
Филм за куклари што не треба да го гледаат деца
„Независната камера“, која се доделува во програмата „Форум на независни“, отиде кај една откачена, но многу добра и провокативна сторија „Часот на сончогледот“ на Арон Хјустон од Канада. Тоа е приказна за конкуренцијата помеѓу куклари, кои се натпреваруваат за најдобар спот за телевизиска детска програма со наслов „Часот на сончогледот“, но се работи за такви ексцентрици чија порака беше дека овој филм не треба да го гледаат деца. И уште наградата на критиката „Фипресци“, која му припадна на „Соработник“ на Мартин Донован.
Годинава во Карлови Вари имаше дури 200 новинари повеќе од лани, имено бројката се искачи на 650 акредитирани новинари од сите страни на светот. На овој особен чешки фестивал, каде што навистина на единствен начин се споени црвениот килим и храната, која се подготвува под шаторските платна, дојдоа над илјада филмски автори и професионалци. Младата публика, која секогаш го опседнува овој град за време на фестивалот, покрај извонредната атмосфера, резултираше и со 126 илјади продадени билети.
Покрај „Панкот...“, Македонија беше претставена и во програмата „Проекти во прогрес“, каде што од 61, беа избрани 24 проекти, меѓу кои беше и „Балканот не е мртов“ на Александар Поповски, а кој го претставија Роберт Насков и Роберт Јазаџиски. Крајот на фестивалот го одбележа доаѓањето на Џон Туртуро, а затворањето помина повторно во знакот на вонземјани и на филмот „Полноќ во Париз“ на Вуди Ален, кој нуди уште едно своевидно патување во времето. „Панкот...“ и „Мајки“ во Мотовун и во Сараево
„Панкот не е мртов“ ќе се бори за две награди на Филмскиот фестивал во Мотовун, додека „Мајки“ влезе во програмата „Во фокусот“ на Сараевскиот фестивал, која ги прикажува најдобрите филмови од регионот што ја одбележале изминатата година на фестивалите низ светот.
Филмот на Владимир Блажевски, покрај во селекцијата за регионална награда „Бауер“, влезе и во главната конкуренција меѓу 26 филма кои во Мотовун ќе се борат за наградата „Пропелер“.
А филмот на Милчо Манчевски е избран меѓу седумте филма во програмата „Во фокусот“ во Сараево кои ги одбра селекторката и на главната програма Елма Татарагиќ. Заедно со „Мајки“ се и турскиот „Нашиот длабок очај“, словенечкиот „Татко“, како и бугарските „Остров“ и „Засолниште“. Во Сараево годинава е и македонската режисерка Билјана Гарванлиева, која е меѓу еминентните европски предавачи во работилницата за т.н. „груба монтажа“. (С.У.)
|