Автомобили
Нова младост на раскошната ѕвезда
Владимир Ристовиќ
„Мерцедес 220 Ц“ класа „Авангард“
Подновената Ц-класа на „Mерцедес“, однадвор малку се разликува од претходната генерација, но под површината има над 2.000 иновации
„Мерцедес“ ги израдува поклониците на Ц-класата. Ја поднови. Всушност, понуди речиси целосно нов модел, иако на прв поглед разликите се минимални, сепак, на него се н��правени над 2.000 измени и резултатот е за пофалба. Технолошки напредок, иновациите, квалитетната изработка, врвните материјали, топ-перформансите, комфорот и уживањето во управувањето сето тоа го имате во новата Ц-класа. Во однос на претходната, обновената Ц-класа е постабилна и подинамична.
Во подновената Ц-класа нови се предните и задните светла, елегантно доработените одбојници, а се дотерани и лајсните. Вистинските промени се под „кожата“ на луксузниот модел. Кабината е темелно обновена, а во нејзината изработка се употребени поквалитетни материјали. Тоа се однесува на квалитетот на кокпитот и на централната конзола, кои сега се меки на допир, облоги и копуња, команди за аудио, климата... Покрај тоа, инструмент-таблата е со инструменти и дисплеи со висока резолуција, со совршена прегледност и видливост. На тоа се надоврзува и ергономијта, се' е достапно и лесно за ракување. Придобивка е и можноста за користење интернет со помош на подобрениот „команд“ мултимедијален систем. За пофалба се ЦД топ-линија со МП-3 и УСБ и иПод, систем за навигација и 3блу-тутх телефонската конекција. Седиштата се комбинација од текстил и кожа, електронски се регулираат по висина и во лумбалниот дел и со врвна ергономија. На трикракиот мултифункционален управувач што се регулира и по висина и по длабочина, на палката на менувачот, на потпирачите за глава, за раце, облогите на вратите има кожа и првокласна гумирана пластика. Со спортскиот пакет АМГ, каков што беше во возилото што го возевме имавме и многу елементи од хром и алуминиум, како алу-профилираните педали, едниот крак на управувачот, со хром обрабени дифузери и инструменти, прагови на вратите и специјалните со пет двојни крака АМГ фелни.
Мерцедес „Ц“ 220 ЦДИ со четири цилиндарски турбодизел-агрегат, со 2.143 см3, 170 кс и вртежен момент од 400 Nm од место до „стотка“ забрзува за 8,4 секунди и има топ-брзина од 232 км/ч. Со сериски вградениот старт-стоп, систем во просек троши малку над пет литри дизел-гориво на изминати 100 км. Шестстепениот мануелен менувач е одлично вкомпониран со моторот. Одличното потпирање, McPherson, напред, а назад независно мултилинк, заедно заедно со Adaptive damping System ви нуди мазно минување низ свијоците и на правите делници и со поголеми брзини. Со „Aгилити контрол суспензион“ ја подесувате крутоста на амортизерите според условите на патот и стилот на возење. Ви останува само да уживате во возењето. За целосен комфор и топ-безбедност тука се 10 нови системи: Атенш асист (го предупредува возачот за нагло сопирање), Aктив бонет (со издаденост на капакот на хаубата за намалување на повреди на пешаците при судир), „интелигент лајт-систем“, со „адаптив хај бим асист“, се намалува интензитетот на снопот на светлото кога автомобил ви доаѓа во пресрет. Следи „дистроник плус“ напреден радар, „актив лајн кипинг асист“ - следење и предупредување на несакано излегување од лентата, и „актив блинд спот асист“, опција за предупредување на учесници во сообраќајот што се во таканаречениот мртов агол, плус „спид лимит асист“, системот што ги чита знаците.
Двозонската дигитална клима, лед-светлата во внатрешноста, потоа опцијата од сончевиот покрив, сетот од седум воздушни перници, АБС, ЕБД, АСР, врвна аудиолинија, со навигација и бројни конекции за целосно уживање во возењето.
Климата – ја чува главата!
Клима-уредите во автомобилите освен што ја разладуваат или, пак, по потреба ја загреваат внатрешноста, едновремено ја намалуваат, за повеќе од 80 отсто, количината микроби и честички во споредба со надворешниот воздух. Така велат резултатите од неодамна направеното истражување во Германија.
Научниците од Хановер, кои во период од пет до 12 години го испитувале квалитетот на воздухот во возилата со клима-уреди, утврдиле дека микробиолошкиот квалитет во возилата е подобрен од 80 до 88 отсто во случаи кога работеле клима-системите.
Од овие анализи може да се заклучи дека пречистувањето на воздухот, пред се', е важно за здравјето на оние што се заболени од различни видови алергии и респираторни болести.
Исто така, германскиот тим напомнува дека истражувањето е направено во возила чии клима-уреди биле прописно одржувани и чии филтри редовно се менувани. Поради тоа, тимот експерти препорачува возачите редовно да ги проверат клима-уредите и штом ќе почувствуваат некој сомнителен мирис да го сервисираат уредот.
„Хјундаи“ продаде пет милиони возила во Европа
Од далечната 1977 година, кога првиот модел на „хјундаи пони“ беше увезен на евр��пскиот пазар, до денес на стариот континент се пласирани пет милиони возила на оваа јужнокорејска марка. Успехот се темели на освоената доверба и наклонетоста на европските купувачи кон овој автомобилски бренд.
Како компанија што е горда на својата технологија и посветеност кон работата, „Хјундаи мотор компани“ со гордост го истакнува ова големо достигнување на европскиот пазар. „Хјундаи“ е брзорастечки бренд што ги надминува конкурентите, за што говорат и фактите дека првиот милион продадени возила за Европа е забележан во 1996 година.
Во 2007 година е направен пресврт во историјата на компанијата со појавата на моделот „хјундаи и-30“, за кого до денес минувачите се вртеа како кон една урбана легенда. Моделот и-30 е првиот модел на „хјундаи“ специјално креиран и наменет за европските клиенти. Воедно тој е и првиот модел на брендот што ја започна успешната низа на серијата „и“.
Токму „и-30“ го претставува настојувањето на компанијата за освојување на европскиот пазар со автомобил произведен во европска фабрика. Фабриката за производство на „хјундаи“ се наоѓа во Ношовице – Чешка и го приближува јужнокорејскиот квалитет на производ со највисок стандард до потрошувачите во Европа.
„Хјундаи“ продолжува со остварувањето на целта - зголемување на продажбата на европскиот пазар и тоа за три отсто до крајот на оваа година, и уште пет милиони продадени возила „хјундаи“ во блиска иднина!
Посветеноста кон креирањето врвни производи со примена на најсовремена технологија, како и посветеноста кон корисниците, „Хјундаи“ ја демонстрира и преку понудата на се' уште најдобрата корисничка услуга што вклучува петгодишна гаранција на возилата, пет години членство во Клубот на корисници, кој овозможува 24/7 помош на пат низ Европа, како и пет години бесплатна проверка и компјутерска дијагностика на возилото во сервисните центри на „Хјундаи“.
„Aуди“ победник на 24 часа Ле Ман
На 79. издание на најпознатата трка на издржливост во светот, една од највозбудливите и драматичните трки во историјата на мотоспортот, 24-часовната трка Ле Ман, триумфираше „ауди“ ултралесна технологија. Иновативниот модел „ауди Р-18 ТДИ“ управуван од тимот возачи: Марсел Феслер (Швајцарија), Андре Лотерер (Германија) и Беноа Трелуер (Франција), ја освои годинашната десетта победа за брендот со четири прстени.
Постојаноста на новиот „ауди Р-18 ТДИ“ беше импресивна. За време на целата трка возилото немаше потреба за застане на ниту еден непланиран пит-стоп. Единствено проблемот со резервоарот за гориво предизвика мала главоболка. Целосниот 65-литарски капацитет не можеше да се користи, па Андре Лотерер мораше да оствари предност во завршна фаза за дополнително да наполни гориво – и тоа во екстремно тешки услови со ситен дожд што на моменти ја направи патеката исклучително лизгава.
Лотерер брилијантно ги надмина сите препреки. По последното застанување Германецот започна да го вози последниот дел со седум секунди предност во однос на второпласираниот тим на „Пежо“. На крај, тој ја помина целта на првото место со предност од 13,420 секунди и по 24 часа, френетично беше поздравен од неговите тимски колеги Феслер и Трелуер, како и од целиот тим на „Ауди“. Тројцата возачи, за разлика од минатата година, овој пат ја одбележаа својата прва победа на Ле Ман, која е десетта победа за тимот на „Ауди“. |