Принц Алберт
Конечно, свадба за принцот од Монако
На свадбата на принцот Алберт од Монако и неговата избраничка Шарлен Витсток ќе присуствуваат повеќе од 500 гости, но меѓу нив нема да се најдат војводата и војвотката од Кембриџ.
Остана уште малку време до свадбата на уште еден кралски пар, кој според очекувањата на луѓето од целиот свет, би требало да личи на бајка. Принцот Алберт и неговата свршеничка Шарлен Витсток ќе го изговорат судбоносното „да“ на 1 јули. Церемонијата ќе се одржи во Палатата на принцот, импозантна тврдина, која веќе осум века е дом на кралското семејство Грималди.
По граѓанската служба закажана за 1 јули, еден ден подоцна ќе биде одржана и црковна служба на отворено. Вечерта по венчавката, парот ќе нагости повеќе од 15.000 луѓе на двочасовна прослава со концерт.
На списокот на гостите се наоѓаат многу познати личности, како што се Карл Лагерфелд, креативниот директор на „Шанел“ и оперскиот пејач Андреа Бочели, а ќе присуствуваат и членови на други кралски семејства, како што се шпанскиот принц Филип и шведската принцеза Викторија. Новопечениот кралски пар, принцот Вилијам и Кејт Мидлтон, нема да можат да присуствуваат на венчавката зашто во тоа време ќе бидат во официјална посета на Канада. |