„Реплек“ демантира дека плаќал провизии за инсулинот
„Реплек не исплаќал никакви провизии и надоместоци за клиничките испитувања на инсулините од 2007 до 2010 година, туку учествувал само на тендери и по склучените договори со јавните здравствени установи, вршел нивна дистрибуција“, се наведува во реакцијата „Реплек“ по завчерашната кривична пријава што ја поднесе МВР против Ч.Д. (62), директор на Клиниката за ендокринологија, дијабетис и метаболични нарушувања. „Реплек“ демантира дека е застапник на дански „Новонордиск“, туку само „Консигнант и дистрибутер за инсулините“ на фирмата од Данска.
„Инсулините не се произведуваат ниту, пак, се пакуваат во нашата земја, туку се добиваат како производ за чие клиничко испитување е обврзан застапникот во земјава, а тоа е фирмата ’Новонордиск фарма ДООЕЛ’“, се наведува во реакцијата. Полицијата завчера го осомничи Ч.Д. (62) дека од август 2008 до декември 2009 година извршил набавки на инсулин, спротивно на Законот за јавни набавки, односно не објавил меѓународни огласи за доделување договори за јавни набавки. (Х.Р.) |