Велија во пајакова мрежа
Газдата на А1, Велија Рамковски, и неговите блиски се осомничени за криминал тежок над 17 милиони евра
Горан Адамовски
По едномесечна истрага, сопственикот на А1 телевизија, Велија Рамковски, и десетина управители на фирми со седиште на „Перо Наков“ се уапсени во завчерашната акција на полицијата, наречена „Пајажина“. Тие се осомничени за низа незаконски работи и за криминал вреден над 17 милиони евра. Приведените, меѓу кои и ќерката на Рамковски, Емел Рамковска, како и директорката на А1, Анета Кочишки, откако ја минаа вечерта на распрашување во полициските станици низ Скопје, вчера беа однесени на распит пред истражен судија, кој требаше да се произнесе околу притвор.
Контроверзниот бизнисмен Велија Рамковски беше уапсен во четвртокот пред 23 часот во кругот на телевизијата што ја поседува. Како што изјави пратеникот Фијат Цаноски, кој е во блиски релации со Рамковски, претходно биле на вечера, кога околу 22 часот, сопственикот на А1 добил предупредување дека денес ќе биде уапсен. Потоа, како што тврди Цаноски, газда Велија му рекол да го однесе во телевизијата за да може на вестите во 23 часот да и' порача на јавноста и на полицијата дека не бега. Штом влегол во А1, го уапсиле полицајците во цивил.
МВР вчера соопшти дека кривични пријави се поднесени против 23 лица, од кои 18 се македонски, четворица косовски и еден турски државјанин. Седуммина од нив, меѓу кои и синот на Рамковски, Хеди, се во бегство и по нив се трага. Пријави добија и десет фирми на „Перо Наков“.
„Тие ќе одговараат за злосторничко здружување, даночно затајување, перење пари, злоупотреба на службена положба и овластување, оштетување или повластување на доверители, повреда на правата од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма, спречување на докажување во периодот од 2006 до 2010 година“, соопшти МВР.
Истрагата утврдила дека еден дел од нелегално остварените приходи на фирмите биле исплаќани на црно за плата на вработените. Фирмите намерно биле доведени во неликвидност со намера да се оштетат доверителите, кои не успевале да ги наплатат побарувањата во висина од 2,4 милиони евра. Истрагата утврдила и малверзација со автомобили, за кои бил воспоставен залог по основа на земени кредити од банки, поради што не смееле да бидат предмет на купопродажба, но, сепак, со „купопродажбен договор“ ги пренесувале на другите друштва во сопственост на членови на семејството Рамковски и нивни блиски.
„Новите сопственици на возилата (’Акстра трејд‘, А1, ’Плус продукција‘ и ’Хедис‘), иако знаеле дека возилата се предмет на кривични дела, со цел да ја прикријат сопственоста, наводно, ги купувале, со што го извршиле кривичното дело перење пари“, соопшти Иво Котевски од МВР.
Биле извршени претреси во 11 објекти, при што била обезбедена „одредена финансиска документација која ќе биде предмет на понатамошна обработка и анализа“.
Вработените во А1 се жалат на груб однос на полицијата. На порталот на телевизијата беше објавено дека вчераутро, еден час по полноќ, полицајците со „калашникови“ во рацете упаднале во домот на еден од членовите на компјутерскиот тим на А1, Јасмин Латифовиќ. Во МВР, пак, уверуваат дека акцијата била извршена според сите професионални стандарди.
Директорот на Управата за јавни приходи, Горан Трајковски, изјави дека Рамковски нелегално заработил над 17 милиони евра, а избегнал да плати четири милиони евра данок, од кои поголемиот дел се по основа на ДДВ, а преостанатиот дел за данок на добивка. Според податоците што биле анализирани во последните пет години, Рамковски бил поврзан со сите фирми. Според надлежните, тој и неговото семејство ги основале најголемиот број од фирмите што се под истрага. Потоа, наводно, фирмите ги давале на подарок на членови на нивното пошироко семејство, како и на други лица. Фирмите меѓусебе работеле со пари на готово.
Завчерашната акција е резултат на едномесечната истрага на инспекторите од неколку служби што влегоа на 25 ноември во дел од 40 фирми лоцирани на истата адреса каде што е и А1. Веднаш потоа, УЈП објави дека спорните фирми не платиле ДДВ во висина од 1,6 милиони евра, а имаше индиции за сомнителен одлив на 7,5 милиони евра во странски земји. Полицијата во стан во населбата Чаир во Скопје, сопственост на управителката Ѓултен Исмаили, пронајде 104.000 евра во кеш, кои, наводно, немале покритие. Пари во готово, околу 50.000 евра, беа пронајдени и во првиот сеф што беше запленет во фирмите, а кој беше отпечатен во Финансиската полиција.
„МВР работеше во тесна координација со сите државни органи, работевме 24 часа, во три смени, десетици тима работеа на различни дела, се' со цел да пристапи најсериозно кон истрагата, покажеме и да докажеме пред домашната и пред меѓународната јавност дека воопшто не станува збор за притисок врз медиумот. Медиумот си продолжи да работи, а државните служби прибираат докази за финансиски криминал“, вели Котевски. (Г.А.)
|