Пратениците ветиле, но ќе им помогнат ли на тутунарите?
Како што и ветија, тутунарите вчера дојдоа на гости во Собранието. Претставници на производителите од Прилепско, Долнени и од Тополчани вчера се сретнаа со пратеничките групи од сите партии во Законодавниот дом. Од нив добија поддршка за решавање на проблемот со откупот, но колку тоа навистина ќе се реализира, ќе покаже седницата закажана за идниот вторник.
„Ги повикувам сите тутунопроизводители, сточари, млекари, лозари, оризари, во вторник да дојдат пред македонското Собрание за да видиме како ќе се постават пратничките групи. Тие ветија некои работи, но мислам дека нема да биде така како што замислуваат“, изјави Кире Неделковски од Штрајкувачкиот одбор на тутунарите по средбата.
Според него, пратениците рекле дека ќе се заложат за правилна процена на тутунот. „Сепак, рекоа и дека немаат толкава моќ да направат нешто. Ние ги повикавме да не собираат политички поени на нас, туку на седницата во вторник сите заедно, и владејачкото мнозинство и опозицијата, да достават предлог до Владата за решавање на состојбата“, нагласи Неделковски.
Производителите на средбата ги повториле барањата, просечната цена да бид�� најмалку 192 денара за килограм, откупот да се одвива континуирано во три класи и дневно на една вага да се преземаат по пет до шест тони тутун, а не по еден до два.
„Моментно сме изманипулирани и добиваме две класи подолу. Не го даваме тутунот, зашто цените се многу ниски. Сите што го предаваат се принудени на тоа, мора да платат сметки“, истакна Неделковски.
До вторник тутунарите ги ставаат протестите во мирување. Како што рекоа, очекуваат пред Собранието за време на седницата да се соберат околу 10.000 земјоделци. Заедно ќе го чекаат исходот од расправата.
Од вкупното производство тутун што годинава се проценува на околу 25.000 тони досега, според Неделковски, се откупени помалку од два милиона килограми.
Премиерот Никола Груевски во интервју за МИА изјави дека Владата правела и ќе прави се' што е во нејзина моќ да им помогне на тутунарите во овие тешки состојби. „Мене ми е жал што СДСМ крајно неетички и манипулативно ја искористуваат состојбата со моментални дисторзии на пазарот на земјоделски производи за да предизвикуваат тензии и да уфрлаат свои членови меѓу земјоделците за да засилуваат некој неприроден впечаток. Но, земјоделците знаат која Влада е нивни партнер и сојузник, која дава, а која не дава субвенции во земјоделството. Владата не откупува тутун, тоа е работа на пазарот, на откупувачите и на производителите, но оваа Влада активно посредува и партиципира тутунарите да обезбедат реална цена на тутунот. Ние можевме да не реагираме, да седиме настрана од целиот процес, но остваривме повеќе од 10 средби во една недела и со откупувачите и со тутунарите во обид да ги доближат своите ставови. Имаше поплаки дека откупувачите не го проценувале адекватно тутунот, и ние веднаш испративме инспекциски контроли, и не само тоа, го триплиравме бројот на инспектори што се на пунктовите. А што прави СДСМ? Само создава проблеми“, ја обвини Груевски опозициската партија. (Д.Р.)
|