Ќе паднат цените на извршителите
Министерот за правда, Михајло Маневски, вчера се пофали дека ќе се намалува тарифникот на извршителите и тоа во просек за околу 32 процента. Ваквото намалување, според Маневски, се правело во интерес на граѓаните, пред се', поради економската состојба и ниската платежна моќ на голем број семејства.
„Најголемо намалување се бележи во цената на администрирање што досега изнесуваше од 10 до 600 евра, а сега со новата тарифа ќе биде од пет до 150 евра. Ова ќе значи олеснување за граѓаните, но истовремено се води сметка и за функционирањето на извршителите и побарувањата што ги има државата“, истакна министерот Маневски. Тој додаде дека најголем број извршни побарувања се однесуваат на долговите на граѓаните за сметките за комунални услуги. Новиот тарифник е донесен во консултации со Комората на извршителите и со Стопанската комора на Македонија.
„Особено се актуелизираше големиот број неплатени телевизиски сметки што беше во надлежност на извршителите, а сега на УЈП. Меѓутоа, проблемот останува во делот на наплатата на другите комунални давачки. Првата тарифа што прои��лезе во 2006 година не беше добро структуирана бидејќи почнуваше со 200 евра и покрај тоа што имаше предмети што се со помала вредност“, истакна претседателот на Комората, Антонио Коштанов. Тој објасни дека при извршната наплата граѓаните поевтино ќе поминат ако присилната наплата се изврши преку одземање пари од трансакциската сметка на граѓаните, но доколку ви дојдат дома за да извршат процена за заплена на имот во тој случај ќе се наплаќаат и дополнителните трошоци. Тој им порача на граѓаните дека, сепак, најевтино ќе си поминеле доколку навреме си ги платат сметките. (Св.У.) |