Скапите автомобили се повторно на цена
Во Женева вчера заврши 81. Меѓународен саем на автомобили
Кризата беше вчера, а денес автомобилската бранша повторно е на лентата за претекнување. Токму вакво расположение владееше на саемот во Женева, каде што се претставија околу 260 автомобилски фирми со над 700 модели од над 30 држави. Годинава владееше трка за штандови, истакнува генералниот директор на автосаемот, Ролф Студер:
„Ние организаторите сме малку нерасположени што моравме да разочараме некои излагачи што бараа големи изложбени простори“.
Според процените на експертите, прометот во автомобилската бранша оваа година ќе се зголеми за над шест проценти. Фолксваген минатата недела пријави рекорден биланс. Пазарот во Азија, особено во Кина, доживува бум. Автоконјуктурата оди како подмачкана и во Америка. Само во Европа не оди најдобро, истакнува Норберт Рајтхофер, првиот човек на управниот одбор на БМВ.
„Би рекол дека западноевропскиот пазар е поделен. Во Германија во јануари поминавме многу добро, со двоцифрен раст. Во остатокот од Европа постои поделеност - на земјите на север, Велика Британија, Шведска, Финска, Данска, им оди добро. Во земјите од југот, како Шпанија и Италија, е потешко, ќе потрае додека да го стигнат нивото од 2007 година“, додава Рајтхофер.
И покрај еуфоричното расположение благодарение на подемот во Азија и Америка, постојат ризици. Моментно растечките цени на нафтата и бензинот можат лесно да предизвикаат главоболки, велат експертите. Руперт Штадлер, шефот на автомобилскиот концерн „Ауди“ има поинакво мислење.
„Ние, автомобилските производители, последниве години направивме големи чекори кај потрошувачката на дизел и бензин. Новиот „ауди А-6“, кој го презентираме и ќе се појави на пазарот годинава, направи вистински исчекор во оваа насока од 20 проценти. Ги презедовме значи вистинските мерки “, потенцира Штадлер.
Темата алтернативен погон во Женева има приоритет. Презентирани се 40 нови електро или автомобили на хибриден погон или на гас. Електроавтомобилите доминираат особено кај француските излагачи во Женева. Во Германија лани во промет беа пуштени помалку од илјада електроавтомобили, што не е чудно, според експертите, зашто тие се едноставно прескапи и се' уште неадекватни за секојдневјето.
Инаку, „Фолксваген“ на саемот во Женева презентира нов „тигуан“ и нов „голф кабрио“. „Опел“ ги претставува подновената „корса“ и електроавтомобилот „ампера“, „Форд“, пак, ќе го прикаже новиот „фокус“.
Автосалонот во Женева е трет по големина саем во светот, по Франкфурт и Париз. Се проценува дека годинава ќе го видат седумстотини илјади посетители. (Дојче веле) |