Европскиот фонд за спас двојно поголем
Шефовите на држави и на влади на земјите од еврозоната на вонредниот самит во Брисел договорија вкупен пакет-мерки за стабилизација на еврото
По долгата средба, соопштено е дека шефовите на држави и на влади постигнале пробив. Германската канцеларка Ангела Меркел соопшти дека евроземјите се договориле за пакет-мерки со кои треба да ја стабилизираат заедничката валута. Од 2013 година би требало да постои перманентен фонд за спас, кој би требало да тежи 500 милијарди евра. Колку во тој фонд треба да уплаќаат солвентните евроземји се' уште не е јасно. Но, јасно е дека Германија би морало да учествува во фондот со повисоки гаранции отколку досега, објави канцеларката.
Владите ќе го зголемат до 440 милијарди евра ефективниот кредитен капацитет на привремениот стабилизациски фонд на ЕУ, создаден за периодот до 2013 година. Досега само околу 250 милијарди евра од фондот можеа да бидат искористени за укажување практична финансиска помош, а останатите 190 милијарди евра требаше да бидат чувани како резерва. Идниот перманентен фонд за спас би требало да може да купува директно државни обврзници од финансиски разнишаните држави. Тоа го бараше Европската централна банка. Помош од фондот ќе се доделува само ако е загрозена вкупната стабилност на еврото.
Претседателот на Европскиот совет, Херман ван Ромпуј, изјави дека фондот ќе може да купува државни обврзници на земји со финансиски тешкотии на отворен пазар, но само ако соодветната држава е вклучена во спасувачката програма, заснована на строги услови.
Ангела Меркел е исклучително задоволна од постигнатиот компромис.
„Направивме значителен напредок. Ова е важна порака за политичките обврски на земјите од еврозоната да се залагаат за стабилноста на еврото во целина. Секој мора да го даде својот придонес“, изјави Меркел.
По најавата на мерките за штедење, грчкиот премиер Јоргос Папандреу беше награден со намалување на каматите кои Грција мора да ги плаќа за кредитите од фондот за спас. Каматите би требало да се намалат за еден процент, а рокот на враќање се продолжува од три на седум и пол години.
Претходно, шефовите на држави и на влади на земјите од еврозоната договорија пакт за подобрување на конкурентноста, што Германија го постави како предуслов за да даде согласност за останатите мерки од големиот европакет. Сега канцеларката Меркел ќе мора да ги истурка заклучоците од Брисел во нејзината коалиција. ФДП досега беше многу критички настроена кон проширување на чадорот за спас. Перманентниот чадор за спас би морало да добие зелено светло и од Бундестагот.
Моментно само Ирска добива средства од тој фонд, а за Грција, која беше прва жртва на кризата од еврозоната, постои одделна програма.
Во мај минатата година Грција беше принудена да побара од ММФ и од ЕУ спасувачки кредит во износ од 110 милијарди евра.
Ирска, која беше втората жртва на кризата, не ги доби истите олеснувања и ќе треба да чека до наредната средба на врвот на 24 и 25 март за решение во однос на каматата за заемот во износ од 67,5 милијарди евра, која моментно е околу 5,8 проценти. (Дојче веле) |