Ребалансот - алиби на власта дека се бори со кризата
Опозицијата обвинува дека овој ребаланс е козметика на Буџетот
Александрија Стевковска
Зголемувањето на ставката на договорните услуги, кратењето на капиталните расходи, како и нереалната планирана стапка на пад на економијата од само 0,6 отсто, вградени во вториот ребаланс на Буџетот, беа само дел од забелешките на опозицијата во матичната Комисија за финансирање и буџет, на која првпат се појави и министерот за финансии Зоран Ставрески.
Првиот ден од претресот на ребалансот на оваа Комисија помина во мирна атмосфера, најмногу благодарение на анемичноста на пратениците од власта, кои како да не гледаа доволен предизвик да ја одбранат промената на позициите во буџетските проекции.
Затоа, пак, опозиционерите жестоко ги критикуваа измените и дополнувањата на Буџетот, кои, според нив, се само шминка на Владата и алиби пред народот дека таа, сепак, прави нешто во борба со кризата.
„Овој ребаланс беше најавен како антикризна мерка, но излезе само добра козметика на Буџетот, кој не одговара ниту на потребите на стопанството, ниту на потребите на граѓаните и е изготвен колку да се каже дека нешто се прави. Со ребалансот има поголеми зафаќања од стопанството и од граѓаните во однос на лани, дури за 35 милиони евра, иако годинава се очекува пад на БДП. Со него Владата планира зголемување на непродуктивните трошења за 155 милиони евра во однос на минатата година, кога имаше раст на БДП од пет отсто“, критикуваше Јован Манасиевски од ЛДП, претседател на собраниската Комисија за финансирање и буџет.
Според него, место за капитални расходи, Владата троши пари за тековни трошоци. „Не се реализираат развојните проекти, се крати од градежниот сектор, иако тој е двигател на развојот, а на јавноста и' се дава лижалче дека така се води борбата со кризата“, нагласи Манасиевски.
Според него, спорно во ребалансот е и поскапувањето на услугите на државната администрација, кои се манифестираат преку зголемувањето на фондот за плати, но и поради новововедените административни такси, надоместоци и казни по различни основи.
„Со ребалансот се кратат капиталните расходи, а се зголемуваат парите за Влада, за договорните услуги. Наспроти ова се намалуваат парите за сиромаштијата, за борбата против корупцијата и криминалот, за здравството, за интегрирањето во ЕУ. Наспроти сите измени дадени со ребалансот, буџетскиот дефицит останува на висока позиција и ќе се финансира од внатрешно и од надворешно задолжување. И сето тоа за да се нахрани гломазниот административен апарат“, ист��кна Манасиевски. За него е несфатливо како се планира зголемување на приходите, во однос на лани, кога оваа година кризата го сотре стопанството.
На ова реплицираше министерот за финансии. „Поради добрите услови на работење повеќе деловни субјекти и' ги плаќаат давачките на државата, а со реформите има зафаќања и во делот на сивата економија“, објасни Ставрески, според кого дефицитот се должи на реализацијата на капиталните расходи, а не на трошењето на Владата, што се двојно повисоки од пред неколку години. „Со ребалансот ставките за стоки и за услуги се помали од минатата година, а во договорните услуги треба да се знае дека покрај привремените вработувања, влегува и исплатата на здравствените работници. Има малку привремено вработени, поточно последнава година има само 1.500 нови привремени вработувања“, нагласи Ставрески.
На ова реагираше Игор Ивановски од СДСМ, кој во својот говор ги обвини Ставрески и целата Влада дека масовно вработува партиски војници и оти нивната бројка е многу повисока од онаа што ја презентираше Ставрески.
„Заменик-министерот за финансии, минатата седмица, изјави дека 40 отсто од ставката договорни услуги се троши за привремени вработувања, а не како што вели Ставрески за лекарите, кои девет месеци не добиле пари од државата“, потенцираше Ивановски. Тој забележа и за зголемените ставки кај Владата, потоа за предвидените трошења од 80 милиони евра за мебел, опрема и возила, сума што е идентична на сегашното кратење на Буџетот, како и за скапите странски задолжувања.
Ивановски смета дека ребалансот треба да се доведе во реални рамки и да се дадат средства за оправдани инвестиции. Тој јавно праша кој и' дал право на Владата да се задолжува со 175 милиони евра, за 47 милиони евра повисока камата, од онаа што би и' се платила на ММФ.
„Владата се расфрла со пари на граѓаните, а ги губи позициите на сите страни, вклучувајќи и на име на инвестиции. Токму поради пропаѓањето на 26 најавени инвестиции, како што се ’Монтипе‘, ’Искра‘, ’Агрокор‘, ’Интел‘, ’Сведмилк‘, ’Вардарска Долина‘ и многу други, земјава губи 3,5 милијарди евра, кои заедно со најавените осум милијарди евра инвестиции во наредените години значат дека земјава е кусок за 11,5 милијарди евра“, објасни Ивановски.
Потребата од донесување на ребалансот ја искажаа пратениците од мнозинството, при што потенцираа дека тој се прави за да се покрие дупката во Буџетот.
Според Ставрески, причина за предлагање нов ребаланс на Буџетот за 2009 година е приспособување на фискалната политика на остварените движења во реалната економија и да се задржи дефицитот на проектираните 2,8 проценти од БДП.
Приходите, според ребалансот, се пониски за 3,2 проценти. На расходната страна, според предлогот, намалени се вкупната маса на плати и надоместоци за три проценти.
|