Компромис за банкарските бонуси
Лондон - Министрите за финансии од земјите на Г-20, на својата дводневна конференција во Лондон, се согласија да се предложи ограничување на банкарските бонуси и премии. На конференцијата, која е дел од подготовките за самитот на групата што ќе се одржи пред крајот на месецов во Питсбург, министрите „во принцип“ се согласиле со британската иницијатива за компромисно решение околу бонусите.
Место цврстото настојување за ограничување на бонусите и на премиите, на што особено инсистира Франција, британскиот министер Алистер Дарлинг понудил банкарските бонуси да не бидат како досега, делени за краткорочни и поединечни банкарски достигнувања и успеси, туку само за подолгорочно успешно работење, така што место во готови пари би се делеле во акции.
Министрите за финансии во Лондон се согласија и околу потребата од продолжување на финансиската поддршка за глобалната економија, иако се забележуваат првите знаци на заздравување. Деталите околу идните мерки на групата Г-20, сепак, и по лондонската средба ќе продолжат да се доработуваат и да се усогласуваат до почетокот на третиот самит на групата во САД. Засега е познато дека, како и на априлскиот самит во Лондон, така и сега меѓу Велика Британија и САД, на една страна, а Франција и Германија, на друга страна, има разлики околу идните чекори. Париз и Берлин, кои веќе се излезени од рецесијата, бараат „излезна стратегија“ за глобалната економија, додека Лондон и Вашингтон, но, и повеќето други земји, сметаат дека не треба да се избрзува со намалувањето на интервенциите, на поттикнувањето на трошењето и на финансиските стимуланси. (МИА) |