Бугарија се преиспитува околу енергетиката
Бугарската влада во ноември ќе одлучи дали да продолжи или да се откаже од енергетските проекти
Гдањск - Поради рецесијата, како и поради енормното зголемување на трошоците во изградбата на крупните објекти од енергетиката, како што е случајот со нуклеарката „Белене“, Бугарија е принудена да ја преиспита својата политика во енергетскиот сектор.
Свое влијание тука ќе имаат и геостратешките прегрупирања и интереси, пред се', на економските џинови САД и Русија.
Бугарскиот премиер Бојко Борисов, на маргините на Самитот на шефовите на држави и влади во Гдањск, Полска, изјави дека неговата земја во ноември ќе одлучи дали да продолжи или да се откаже од големите енергетски проекти, планирани заедно со Русија. „До ноември прецизно ќе знаеме колку секој проект чини“, рече Борисов, по повод средбата со рускиот премиер Владимир Путин во Полска.
Владата на Борисов, кој победи на изборите во јули, сака да ги преиспита плановите за изградба на нови нуклеарни централи, како и учеството на Бугарија во проекти за гасоводот, „со цел да се утврди дали тие одговараат на националните интереси“, пренесе софиската агенција „Фокус“.
Путин побара од Бугарија да ги забрза плановите во енергетиката, додавајќи дека не ја исклучува можноста и руската страна да се откаже од нив. Рускиот премиер предупреди дека Москва ќе најде алтернатива во случај некои од заедничките проекти да бидат прекинати.
Борисов, сепак, рече дека не гледа пречки за учеството на Бугарија во изградбата на проектот за гасоводот „Јужен тек“. „Во однос на ’Јужен тек‘ мислам дека не постои проблем. Јас мислам дека ’Набуко‘ и ’Јужен тек‘ се добри за Бугарија. Мислам дека ’Јужен тек‘ би можел да биде имплементиран многу побрзо, а ние ќе го зачуваме нашето учество во овој проект“, рече Борисов.
Новата влада треба да одлучи дали вреди да се покријат зголемените трошоци за изградба на новата нуклеарна централа „Белене“, со оглед на фактот дека бугарската економија се бори со рецесија.
Бугарија ја преиспитува својата енергетска политика, особено поради фактот дека драстично се зголемуваат цените на планираните проекти. Колку за илустрација, нуклеарката „Белене“ на Дунав беше планирана на четири милијарди евра, а сега се зборува за дури десет милијарди евра. (ИНПРЕС) |