ЏОРЏО АРМАНИ
Отвори хотел во највисоката зграда на светот
Италијанскиот моден дизајнер Џорџо Армани отвори сопствен хотел во највисоката зграда на светот Бурџ Калифа во Дубаи. Некогаш врвните дизајнери ги вложуваа своите заработени милијарди во јахти, приватни острови, пентхауси на Ментхетен, вили во Тоскана или планински колиби во Швајцарија. Меѓутоа, најновиот тренд на 21 век, кој го следат глобалните ѕвезди, е отворање сопствен хотел. Меѓу италијанските дизајнери тој тренд станал задолжителен моден додаток, па така Мисони има хотел во Единбург, Крицуја во Барбуда, Москино во Милано, додека Версаче има дури два - во Дубаи и во Австралија.
Хотелот на Армани има 160 соби, а се простира од приземјето до осмиот кат, потоа прескокнува катови и продолжува на 38. и 39. кат на највисоката зграда на светот - Бурџ Калифа. Најевтината соба во хотелот чини повеќе од 750 долари, додека за луксузните апартмани треба да се издвојат околу 2.000 долари за ноќ. Целиот хотел, во кој се наоѓаат дури осум ресторани, лично го дизајнирал Џорџо Армани. Рестораните варираат од италијански, индиски, па се' до јапонски и медитерански. |