Единаесет Срби загинаа во Египет
Во судирот на автобусот со туристи и камион кај местото Луксор загинаа и двајца Египќани
Единаесет српски државјани, меѓу кои две деца, како и двајца Египќани загинаа во страшна сообраќајна незгода што вчераутро се случи на патот меѓу Хургада и Луксор во Египет. До трагедијата дошло по судирот на автобус со туристи и камион, кој наидувал од спротивниот правец. Во автобусот се превезувале 22 лица, а трагичниот биланс на загинати и на повредени постојано се менува. Српските туристи во Египет летувале преку агенцијата „Перла турс“ од Нови Сад.
„Нашата амбасада во Каиро доби информации од официјалните органи дека станува збор за автобус во кој имало 17 патници од Србија, и тоа 14 возрасни и три деца. За жал, загинаа 11 државјани на Србија“, изјави за белградските медиуми српскиот амбасадор во Египет, Дејан Василевиќ.
Според информациите од светските медиуми, во автобусот имало вкупно 22 патници, од кои 17 туристи од Србија. По несреќата сите биле сместени во болницата во Хургада, каде што преживеаните се наоѓаат под лекарски надзор. Идентитетот на настраданите не е соопштен.
До несреќата дошло откако автобусот удрил во камион што наидувал од спротивниот правец. Белградските медиуми пишуваат дека на тој пат и порано се случувале несреќи, особено поради тоа што има само две тесни ленти. Весниците пишуваат дека несигурното возење, ниските казни за прекршоци и лошите патишта се причина за многубројните сообраќајни незгоди во Египет. Според официјалните податоци, во 2008 година во сообраќајни незгоди во Египет загинале повеќе од 8.000 лица. (Г.А.) |