Државата ќе ќари 41 млн. евра од „Телеком“
За 2009 година компанијата ќе распредели дивиденда во бруто-износ од 105 милиони евра
Собранието на акционери на „Македонски телеком“ вчера одлучи да распредели дивиденда за 2009 година во вкупен бруто-износ од 105 милиони евра. Една акција тежи по 75,01 денар.
„Македонската Влада, како акционер на 34 проценти од акциите во ’Телеком‘, ќе добие 41 милион евра“, информираше претседателот на Собранието на акционери на „Македонски телеком“, Зоран Трајчевски, по завршување на седницата.
Во вкупниот бруто-износ на дивидендата што ја дели „Телеком“ се вклучени данок на добивка, персонален данок на доход и данок по задршка. Согласно со важечката регулатива, компанијата на денот на исплата на дивидендата, од нејзиниот бруто-износ по акција од 75,01 денар, ќе задржи и ќе плати 10 проценти данок на добивка и 10 проценти персонален данок на доход во име на физичките лица, како и 10 проценти данок на добивка и 10 проценти данок по задршка во име на странските правни лица. Дивидендата ќе се исплаќа од 12 до 25 јули. Ќе ја добијат сите акционери што ќе бидат евидентирани во Книгата на акционери на „Македонски телеком“ на 9 јули. Дивидендата се дели меѓу мнозинските акционери во „МТ Маѓар телеком“, македонската Влада и малцинските акционери.
Собранието на акционери на „Македонски телеком“ требаше да одлучува за исплатата на дивидендата на седницата на 26 јуни, но тогаш ја пролонгира за вчерашното продолжение на седницата.
„Прологирањето е резултат на потребата од усогласување меѓу акционерите околу датумот за исплатата на дивидендата“, објасни вчера Трајчевски.
„Македонски телеком“ соопшти дека последен ден на тргување со право на дивиденда за 2009 година е 6 јули, а прв ден на тргување без право на дивиденда за годинава е 7 јули. (А.С.) |