Грчката криза го паѓа и нашиот рејтинг
Иако економскиот изглед на Македонија се подобрува и се очекува еден процент реален раст на БДП, демнат ризици
Александрија Стевковска
Рејтингот на Македонија е задржан на БД4б, што значи умерен ризик, објави агенцијата „Дан и Бредстрит“ во извештајот за јули, во кој се наведува дека, сепак, овој рејтинг е на удар на грчката криза, која освен што може негативно на влијае врз рејтингот, може да го закочи и процесот на проширување на Европската унија.
Во последната објава на „Дан и Бредстрит“ се наведува дека иако економскиот изглед на Македонија се подобрува и се очекува еден процент реален раст на БДП, економијата ја демнат многу ризици.
Сепак, „Дан и Бредстрит“ се фокусира и посочува два главни ризика за економијата.
„Обновување на глобална или регионална криза што ќе предизвикува ослабување на побарувачката и постојан пораст на нискоризичните инвестиции, што води кон заострување на надворешно-финансиските услови“, сметаат од оваа куќа, додавајќи дека грчката криза е битна и за двата ризика, земајќи ја предвид значајната трговија меѓу двете земји и големиот дефицит на Македонија на тековната сметка.
„Грчката криза, исто така, генерира негативни импликации за владите што сакаат да ги исполнат своите потреби за финансирање од приватни извори“, сметаат од „Дан и Бредстрит“.
Според нив, Македонија, како и голем број други земји во регионот, веројатно, ќе го одложи планираното издавање еврообврзница, која, веројатно, ќе изнесуваше околу 175 до 250 милиони евра.
„Во овој поглед, важно е да се напомене дека потребите на Македонија за јавно финансирање не се ниту многу итни ниту многу потребни, со релативно скромниот буџетскиот дефицит од 2,7 отсто од БДП во 2009 година и со јавен долг од помалку од една третина од БДП“, забележуваат од „Дан и Бредстрит“.
Досега многупати се посочуваше за влијанието на грчката криза врз Македонија, посебно врз нашата економија, во која како соседна земја многу лесно се прелеваат негативните ефекти. Дури и Владата во неколку наврати призна дека грчката криза ја нагризува македонската економија и дека со себе повлекува последици од типот на намалена трговија, како и повлекување пари од филијалите на грчките фирми во земјава. Една од последиците би била и нов ребаланс на буџетот.
„Дан и Бредстрит“ се убедени дека друга непосредна насока преку која грчката криза може да влијае на Македонија е можно слабеење на поддршката за проширувањето на ЕУ меѓу земјите-членки на Унијата.
„Ова може да биде загрижувачко, ако се земе предвид дека со кандидатск�� статус од 2005 година, членството во ЕУ во Македонија се гледа како на важна котва за политичката стабилност и економските реформи во иднина“, се наведува во последната објава на најголемата и најстарата бонитетна куќа на светот „Дан и Бредстрит“ за јули.
Од македонското Министерство за финансии вчера не сакаа да го коментираат овој најнов рејтинг за земјава, со образложение дека не соработувале со оваа рејтинг-агенција. |