Гошев: Засега не се намалува резервата
Ова е одговорот на централната банка по многубројните прозивки од власта, банкарите и од бизнисмените
Соња Маџовска
Засега нема да се намали задолжителната резерва, велат од Народна банка на Македонија. Иако банките го чекаат овој потег, а тоа им е изговорот зошто не ги намалуваат каматите и зошто нема повеќе кредити и за стопанството и за граѓаните, моментно не се очекуваат промени во монетарната политика.
„Последната мерка со намалувањето на референтната каматна стапка беше преземена пред неполн месец. Континуирано ги анализираме состојбите. Од натамошните чекори во економијата ќе зависат и следните чекори на НБМ. Сега не мислиме дека во делот на задолжителната резерва треба да се направат промени“, изјави вчера за „Утрински весник“ гувернерот Петар Гошев.
Според него, приоритет на централната банка е да се грижи за стабилноста на банкарскиот систем во земјава, а таа одлучува со кои инструменти ќе го одржува тоа.
Во август се очекува да бидат направени нови анализи и проценки за состојбите во домашната економија. Извори од НБМ велат дека се' уште постојат ризици и поради кризата во Грција и поради тоа што заздравувањето во Европа се одвива бавно. Тоа се причините што ја продолжија рецесијата и годинава во земјава.
А токму неликвидноста во стопанството се' уште ги плаши банкарите и тие се многу резервирани при одобрувањето нови заеми.
Растот на кредитирањето засега се искачува само до 5 отсто, но загрижува фактот што постојано расте процентот на сомнителните побарувања.
Се поставува прашањето дали банките не даваат кредити, како што велат, поради ограничувањата со задолжителната резерва или поради тоа што се' повеќе им се зголемува процентот на ненаплатливите побарувања. Ако кредитите што доцнат со наплата повеќе од 90 дена на крајот од минатата година зафаќале 9,1 отсто од вкупните кредити, во првиот квартал од годинава тие се искачиле на 9,6 отсто. Ова значи дека речиси 10 отсто од вкупните пласирани кредити, банките не можат да си ги наплатат. Затоа се' поприсутни се и огласите во весниците преку кои банките закажуваат лицитации за продажба на недвижен имот запленет поради неплаќање на кредитите.
Речиси сите банки деновиве, сепак, ги намалија каматите до 13 отсто, главно, на потрошувачките кредити, бидејќи на тоа ги обврзува Законот за облигациони односи, согласно со нивото на референтната каматна стапка. Но, за поголем пад на каматите бараат оправдување во задолжителната резерва. Имено, моментно кај секој денарски депозит, 10 проценти од износот банките мора да стават на посебна сметка во НБМ, на што банките добиваат камата од само 2 процента, додека на девизните депозити задолжителната резерва е 13 отсто, а каматата само 0,1 отсто. По овој основ на големите банки им се имобилизирани по околу 100 милиони евра. Овие пари не можат да одат за кредити, а изгубениот ќар банките го прелеваат врз кридитикорисниците преку повисока камата. Затоа банкарите велат дека намалувањето на каматата на благајничките записи не повлекува поголем пад на банкарските камати, па тие дури обвинуваат дека на тој начин НБМ само си ги намалува трошоците. Банките чекаат НБМ да ја симне стапката на задолжителна резерва, па потоа најавуваат дека ќе направат посериозно намалување на каматите. Од друга страна, пак, на банките не им пречи што каматата на благајничките записи е сведена на 5 отсто, па тие и натаму голем дел од слободните средства ги замрзнуваат во НБМ со овој инструмент. Секоја среда депонираат по околу 100 милиони евра. Банкарите коментираат дека НБМ не ја намалува стапката на задолжителна резерва затоа што се плаши дека големите буџетски трошења на Владата можат повторно да ја поттикнат инфлацијата. А Владата упорно не се откажува ниту од големите трошења ниту од емисиите на државни записи, а во исто време ја повикува НБМ да ги намали залихите на благајнички записи.
Од НБМ не откриваат кој ќе биде новиот вицегувернер на местото на Емилија Нацевска, чиј мандат истекува, освен што потврдуваат дека човек од оваа институција ќе биде назначен на оваа функција. |