На местото на тополите ќе се садат млади дабови, јавори и багреми
Ќе бидат засадени нови 400 дрвца од Студентскиот дом „Гоце Делчев“ до „Нова Македонија“
Сања Наумовска
Исечените тополи на потегот од Студентскиот дом „Гоце Делчев“ до паркингот спроти зградата на „Нова Македонија“ ќе бидат заменети со млади дабови, јавори и багреми. Секторот за комунални работи на Градот Скопје маркирал 260 тополи кои мора да бидат исечени, бидејќи поради староста се опасност за минувачите. На нивно место есенва и напролет ќе бидат насадени нови 400 дрвца.
Во текот на неделава ќе започне бележење и сечење на тополи и во Општина Аеродром, поточно на булеварот „Србија“ и на неколку други локации. И овие дрвја, веројатно напролет, ќе бидат заменети со млади дабови и јавори.
Со последната акција, јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ ќе отстрани 260 тополи. Ќе останат 800, кои ќе се сечат следните години. Обележани се оние кои се најстари и најпогодени од болести, а тие што се во подобра состојба ќе бидат оставени за некоја следна акција. На овој начин, велат во Секторот, нема да се почувствува дека недостасуваат дрвја во паркот.
„Решивме наместо тополи да засадиме јавори, дабови и багреми кои се брзорастечки и долговечни дрвја. За разлика од тополите, поради кои добивавме голем број поплаки од граѓаните, овие дрвја не „цветаат“ напролет и не предизвикуваат алергии“, вели Емил Дуровиќ, советник за паркови и зеленило во Секторот за комунални работи.
Во следните 10 години ќе бидат исечени сите тополи садени во шеесеттите години на минатиот век, бидејќи тие уште сега ја имаат надминато својата физиолошка старост, информираат од градскиот Сектор за комунални работи. Повеќето од нив се суви, на послаб ветер им се кршат гранки, а не ретко се случува и да падне цело стебло во парковите или на паркирано возило. Според планот за хортикултурно уредување, во текот на следните години, постепено, за секое исечено дрво ќе бидат посадени две. Со тоа, велат во Секторот, нема да се изврши целосна сеча во парковите, ниту пак ќе се почувствува недостаток од дрвја. |