Тендерот за двокатните автобуси пролонгиран до 20 јануари
На заинтересираните фирми им е потребно време да ја набават сета документација
Тендерот за набавка на 302 двокатни автобуса ќе заврши на 20 јануари идната година. Иако тендерот првично требаше да заврши пред два дена, Министерството за транспорт и врски го продолжи рокот по барање на дел од фирмите кои сакаат да конкурираат на тендерот. Образложението е дека на фирмите им е потребно време да ја набават сета документација, со оглед на тоа дека станува збор за специфична набавка.
Имено, Министерството за транспорт и врски, за потребите на Скопје и на Охрид набавува двокатни автобуси, вонсериски модели, со специфичен изглед, како оние кои некогаш сообраќале во главниот град. Се бара и посебна висина и други карактеристики кои ќе одговараат на нашите потреби, а моторот треба да задоволува стандард ЕУРО 4.
„Отворањето на јавните понуди е закажано за 20 јануари, иако требаше тендерот да заврши на 1 декември. Со оглед на тоа дека станува збор за обемна набавка и специфични услови кои се бараат, прифатено е барањето на дел од фирмите кои подигнаа тендерска документација дека им е потребно повеќе време за подготвување на документацијата“, вели Драган Симоновски, портпарол на Министерството за транспорт и врски.
Тендерот беше објавен во домашни и странски печатени медиуми во почетокот на септември. Со таа објава Министерството набавуваше 102 автобуса. Пред завршувањето на рокот на објавата, Владата се премисли и ги промени условите во набавката од 102 на 302 двокатни автобуса. Идната година, најавуваат во Министерството, ќе бидат набавени првите 100 автобуси, во 2010 уште 100 и во 2011 година преостанатите 102 автобуса. Слични на автобусите кои ќе ги гледаме на скопските улици се возат во Отава, Сингапур и во Порто. (С.Н.) |