Пратениците неделава ќе тргнат на работа
Новоизбраните пратеници треба да го почнат мандатот до крајот на неделава, иако досегашниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, се' уште ја нема закажано конститутивната седница. Како што информираа од Кабинетот на шефот на парламентот, седницата се' уште не е закажана, но краен уставен рок за почеток на работата на новиот собраниски состав е 25 јуни, односно оваа сабота. Од денеска ДИК ќе им ги врачува уверенијата на новоизбраните пратеници.
Од СДСМ, пак, се најавува дека денес��а ќе се изгради став за тоа како опозицијата ќе дејствува во Собранието. Во овој состав ВМРО-ДПМНЕ има 56 пратеници, од кои три се избрани од дијаспората, додека СДСМ има 42 пратенички места, потоа ДУИ -15, ДПА - 8 и НДП со двајца пратеници. Со конститутивната седница, на која треба се верификуваат мандатите на 123 пратеници, се најавува дека ќе претседава Љубисав Иванов-Ѕинго како најстар пратеник.
Според Уставот, новоизбраното Собрание се состанува на конститутивната седница најдоцна 20 дена по одржаните избори, а претседателот на државата е должен во рок од десет дена по конституирањето на законодавниот дом, да и' го довери мандатот за состав на влада на партијата што има мнозинство. Мандатарот во рок од 20 дена поднесува програма до Собранието и го предлага составот на новата влада, по што првиот парламентарец ја свикува седницата за избор на владиниот кабинет. (Св.У.)
|