Отфрлена тужбата на Ел Масри против германската влада
БЕРЛИН - Судот во Германија ја отфрли тужбата поднесена од Калед ел Масри со која бара Берлин да прогонува осомничени агенти на ЦИА, за кои тој тврди дека илегално го затвориле пред речиси осум години како дел од специјалната програма на Америка. Административниот суд од Келн со пресудата од 7 декември ја поддржа одлуката на Берлин да не бара екстрадиција на Американци, откако Вашингтон ја извести Германија во 2007 година дека ќе отфрли каков било обид за прогонување на неговите агенти повикувајќи се на национална безбедност. Пресудата беше објавена во петокот. Судот пресуди дека „одлуката на германската влада да не бара екстрадиција на агентите, и покрај издадениот налог за апсење од германски суд, е легална“.
Адвокатот на Ел Масри изјави дека тој и неговиот клиент размислуваат дали да поднесат жалба на пресудата. Тие имаат еден месец за да го направат тоа. Ел Масри (44), германски државјанин со либанско потекло, вели дека бил илегално затворен од агенти на ЦИА кога влегол во Македонија на Нова година во 2003 година, а потоа бил префрлен во затвор во Авганистан, раководен од ЦИА, каде што вели дека бил тепан, принудуван на содомија и дрогиран. Пет месеци подоцна, тврди Ел Масри, бил оставен на планина во Албанија.
Американски претставници никогаш јавно не го коментираа случајот, но, според дипломатските документи, објавени на веб-страницата „Викиликс“, дипломати во Германија и во Македонија се обидувале да го прикријат случајот за да не излезе во јавност и на суд. Во еден документ од американската амбасада во Скопје, од 6 февруари 2006 година, тогашниот премиер Владо Бучковски е цитиран како му ветува на американскиот амбасадор дека ќе продолжи да ги одбива локалните барања од печатот да се дискутира за случајот со Ел Масри. Бучковски прашува дали амбасадорот би можел да разговара со неговиот германски колега „сугерирајќи дека Германците вршат притисок врз Македонците да бидат поотворени“ се наведува во документот, во кој се додава дека амбасадорот го одбил тоа.
Во друг документ што потекнува од американската амбасада во Берлин од 2007 година се цитира заменик-шефот на мисијата, Џон М. Кониг, кој му рекол на германскиот заменик-советник за национална безбедност дека издавањето налози за агентите „би имало негативно влијание врз нашите билатерални односи“.
Адвокатот на Ел Масри, Манфред Гњидич, изјавува дека објавените документи „јасно ги покажуваат големите напори“ од страна на американската влада случајот со Ел Масри да не стигне до судовите. Тој изразува надеж дека тие ќе му помогнат да ја добие правдата за неговиот клиент. „Сите знаеме што се случи, прашањето е како можеме да го докажеме тоа?“, вели Гњидич.
Ел Масри одлежува казна затвор од две години за напад врз градоначалникот на неговото родно место во 2009 година. (АП) |