Јакимовски и ВМРО-ДПМНЕ во војна за касарната „Илинден
„Стевчо Јакимовски го блокира проектот ’АРМ мој вистински дом‘, со кој се планира изградба на станови за припадниците на Армијата на РМ. Во изминатите неколку месеци слушнавме серија невистини и манипулации поврзани со носењето на ДУП за касарната ’Илинден‘, со кој треба да започне проектот на територијата на општина Карпош. Затоа градоначалникот ќе добие пријава за клевета“, обвини вчера советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Карпош.
Советниците сметаат дека Јакимовски е фрустриран поради фактот дека проектот започнал на иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ. Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ во Карпош, Емил Угриновски, ги посочи стенограмите од 23. седница на Советот, одржана во август, кога Јакимовски, наводно, рекол дека тој лично ќе ја стопира постапката за ДУП „касарна Илинден“, иако планот воопшто не бил на дневен ред . Угриновски тврди дека по седницата, градоначалникот ја прекинал јавната анкета за ДУП-от, повикувајќи се, како што рече, на некои апстрактни заклучоци за транспарентност.
„Градоначалникот нема никаква законска можност да дејствува спротивно на одлуките на Советот, туку мора да ги почитува. Изненадени сме од одлуката на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ тука да бараат одговори, иако знаат дека тоа треба да го сторат во државна институција“, реагираше портпаролот на Општина Карпош, Виолета Цветковска.
Таа потенцираше дека опозицијата во Карпош директно учествувала во носењето на одлуката да се пролонгира донесувањето на ДУП-от, инсистирајќи на поединечно известување на секој сопственик на земјиштето на локалитетот за измените на планот.
„Сега државните институции треба да ни ги достават податоците за сопственоста на земјиштето за да можеме да ги известиме сите сопственици дека се носи детален план за касарната, со цел да учествуваат во неговото донесување со свои забелешки и сугестии“, вели Цветковска. (С.Р.) |