Ѓорче Петров ќе поправа улици на кредит
Заемот во висина од 1,5 милиони евра ќе го даде Светска банка
Општината Ѓорче Петров ќе земе кредит од Светска банка во висина од 1,5 милиони евра за да реконструира улици, одлучија вчера општинските советници. Советничката група на СДСМ е против ваквата, како што велат, популистичка одлука, сметајќи дека Општината треба да ги искористи парите за капитални проекти, а не за нешто што треба да биде нејзина тековна обврска. Нивни предлог е изградба на инфраструктура во индустриската зона на Ѓорче Петров.
„Минатата седница градоначалникот се пофали дека нема да се задолжува, а сега се согласи за заем од 1,5 милиони евра. Нашиот предлог е овие пари да се искористат за изградба на инфраструктура во индустриската зона, во која сега нема ниту еден капацитет. Дел од парите на инвеститорот што ќе дојде да гради ќе одат и во општинската каса. Ние мора да инвестираме во развој на општината, зашто наместо предвидените 206 милиони денари, централната власт на Ѓорче Петров и' префрли само 9 милиони“, вели Горан Симоновски, координатор на советничката група на СДСМ.
Советниците од опозицијата вчера ги прашаа своите колеги од ВМРО-ДПМНЕ зошто сега се согласуваат Општината да се задолжи, а претходно кренале рака за споменикот на Ѓорче Петров, кој можеби ќе чини над милион евра. Тие, генерално, не се против изградба на улици, но се против тоа да се реализира со задолжување. Сметаат дека од наброените педесетина улици, со овие пари што се недоволни и за две, ќе се асфалтираат само неколку краци, а граѓаните ќе мислат дека навистина нешто се прави. (Сн.К.) |