10 прашања
Грција се заканува со референдум за името
Интервју со првиот грчки амбасадор во Македонија Александрос Маљас
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
Господине Маљас, каква беше позицијата и улогата на Грција за време на конфликтот во 2001?
Грчката влада и Министерството за надворешни работи уште во декември 2000 година имаа информација за последиците од настаните во јужна Србија, Прешево и за можно прелевање на конфликтот кај вас. На 17 декември истата година грчкото МНР ги извести и писмено ги предупреди нашите европски партнери. Кон средината на јануари, јас и Сотирис Валден, тогашен посебен советник на министерот за надворешни, Јоргос Папандреу, го посетивме Скопје. Имавме важни состаноци во МНР, тогаш ваш министер за надворешни работи беше Срѓан Керим, потоа и со советниците на тогашниот претседател Борис Трајковски. На вашите лидери им ја пренесовме нашата загриженост за настани, кои, според нас, и' претстоеја на државата. Меѓутоа, тоа што не добивме никаква реакција од другата страна ни сигнализираше дека вашата држава не е загрижена за овие работи.
На крајот од јануари 2001 година Папандреу свика состанок, две недели пред Самитот на Процесот на соработка на државите од Југоисточна Европа, кој беше одржан во Скопје во февруари. Иако главната анализа беше дека проблемите се вратени, се сеќавам дека мојата анализа покажуваше оти во рок од неколку дена или недели, но не и месеци, се можни бунт и меѓуетнички конфликти предизвикани од албански конфигурации, за мене непознати.
Прогнозата се потврди како точна, а анализата беше базирана на информации од Косово и од други места. НА 21 февруари бевме во Скопје и испреговаравме успешна конечна декларација на лидерите на ПСЈИЕ. За време на работењето на декларацијата ја предупредивме вашата влада дека се можни настани што се неминовна, неизбежна закана за вас. Вашата делегација излезе со став дека ова не е информација што може да ја потврдат. Овој разговор се водеше на 23 февруари, а веќе на почеток на март почна конфликтот со инцидентот во Танушевци. Тогаш Папандреу беше во Виена, го известивме и тој итно дојде во Скопје. Тој беше прв странски политичар што дојде во Скопје во тој период.
Какви беа ставот и реакцијата на Грција?
Бевме првите што изреагираа и нашиот став беше дека ќе направиме се' што е можно за да го привлечеме интересот на НАТО, ЕУ и на ОН. Тоа беше нашиот став за време на кризата се' до потпишувањето на Рамковниот договор во Охрид. Ова не беа билатерални интервенции, бидејќи знаеме како нашите соседи треба да играат и, секако, не вклучуваше воено вмешување на грчката армија во конфликтот, како што првенствено предлагаше Бугарија. Тогаш бугарскиот државен врв играше на картата испраќање воени трупи кај вас. Со премиерот Костас Симитис и со Папандреу мислевме дека е погрешно вакво вмешување.
Кога се сретнавме со Георгиевски тој ни ја претстави идејата за прогласување пет километри демилитизирана зона на границата со Косово. Ние бевме многу претпазливи и кога Трајковски го постави ова прашање, Папандреу беше изненаден и побара мое мислење за тоа каков е грчкиот став за ова. Мојот одговор беше: „Немаме мислење за овој случај, но нашето искуство покажува дека ваквите зони никогаш не и' се враќаат на матичната држава со исти бои. Размислете добро, затоа што никогаш повеќе нема да биде иста“. Ние имавме четири принципи на дејствување: нема да дејствуваме унилатерално, за разлика од Бугарија, Симитис нареди одложување на сите воени вежби во близина на вашата граница, бевме договорени да и' понудиме техничка помош на Владата, а последно и најважно, да ги мобилизираме НАТО и ЕУ.
Како реагираа НАТО и ЕУ?
Грција беше прва држава што реагираше, но не добивме реакција од ниеден ЕУ-партнер. Го предупредивме и го известивме и нашиот амбасадор во НАТО. Едно од најтешките времиња за Џорџ Робертсон, генералниот секретар на НАТО, беше состанокот со Симитис во Атина. Симитис критикуваше зашто НАТО е пасивно и не ги послуша предупредувањата на Грција, како и за нивната слаба работа на вашата граница со Косово за да се спречи инфилтрирање на екстремистичките албански групи. Денот по неговото заминување, јас и тогашниот специјален помошник на Папандреу, Алекс Рондос, го посетив Скопје. Во 48 часа остваривме важни средби со македонските и албанските политичари и креиравме нон-пејпер. Рондос и јас го изготвивме документот само по 12 дена по инцидентите во Танушевци. Речиси 80 проценти од Рамковниот договор ја има содржината на овој нон-пејпер. Грција беше прва што изработи детален план барајќи дијалог, прекинување на воениот конфликт, специјална група за медијација меѓу етничките групи, како и важни домашни промени, како што е измена на преамбулата на Уставот. Вашиот Устав беше заснован на националности, а не на граѓани. Сметам дека сегашната преамбула е подобра, но се' уште нема целосно хармонизираност со концептот за општество на граѓаните. Се' уште носи некој товар од националностите, што е концепт на поранешна Југославија.
Ние многу добро ги знаевме темите и проблемите, имавме добри проверени информации од албански извори, но бевме изненадени што Хавиер Солана и Робертсон не реагираа веднаш и покрај предупредувањата.
Како го оценувате спроведувањето на Рамковниот договор?
Мислам дека единственото нешто што требаше да го направиме, а жалам што не го направивме, е тоа што не вклучивме посебен дел за Александар Велики и Филип Втори во договорот. Ниеден политичар од ЕУ или од САД, вклучени во тогашната ситуација, не ќе можеа да замислат дека десет години подоцна, веднаш по реизборот на Груевски, главен приоритет на вашата држава ќе биде Александар Велики. Сметам дека вашата земја им припаѓа еднакво и на албанските граѓани. Мислам дека етничката албанска заедница, особено ДУИ и Али Ахмети, кој се бореше во конфликтот, успеа да добие многу легитимни права, но целосно ја изгубија реалната перспектива за својата држава. Етничките Албанци во вашата држава се заложници на александроманијата на премиерот Груевски, бидејќи тие би сакале да ја видат својата држава како членка на НАТО и како држава што почнува преговори за влез во ЕУ. Условот за тоа, несомнено, е постигнување договор со Грција за спорот за името.
Кои беа перспективите на земјата со договорот?
Договорот од Охрид не беше само постигнување политичка еднаквост, еднакви права, користење на албанскиот јазик, измена на дискриминирачкиот Устав, туку и да им се даде перспектива и на Албанците и на славомакедонците. Оваа перспектива сега е стопирана од политиката на антиквизација на премиерот. Вашата држава беше прва што го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ, менувањето на приоритетите 10 години подоцна од страна на Груевски ја прави многу далечна перспективата за влез во ЕУ. Темата со споменикот на Александар, од една страна, е за смеење, го гледаме и со иронија, но и со сериозност. Ова е доказ дека Груевски не сака добрососедски односи со Грција.
Денес сите албански политички партии ја делат еднакво одговорноста. Тие можат заедно, независно од тоа кој ќе влезе како коалициски партнер, да потпишат политичка платформа потенцирајќи дека нивните приоритети се решавање на проблемот со името со Грција, што ќе дозволи влез во НАТО и отпочнување на преговорите со ЕУ, само 24 часа по договорот за името.
Мое мислење е дека прв пат во историјата на вашата држава етничките Албанци го имаат во свои раце клучот за иднината на државата.
Какво е значењето на Охридскиот договор денес?
Ова беше добар договор. Всушност, нема добри договори. Беше најдобриот договор за тогашните услови. Но, пред се', беше добар тест за соработка меѓу ЕУ и САД.
Дали сметате дека Охридскиот договор даде конечен одговор за да биде решено и затворено албанското прашање?
Не. Моето „не“ е конечно затоа што само по седум години од Охридскиот договор ја имавме независноста на Косово. Работите сега се подобри во однос на политичките права и еднаквост од пред една деценија, меѓутоа, во политичка и стратегиска смисла се заложници на антиквизацијата и немањето перспектива за влез во ЕУ и во НАТО.
Големите предизвици се' уште постојат. Јас не сум изненаден од приоритетите на Груевски, отворено го кажувам тоа. Другите се изненадени затоа што размислуваат рационално, си велат сега ќе размислува рационално, но треба да се знае дека станува збор за човек кој благо би го нарекол Лукашенко на Балканот.
Велите дека Грција имала конструктивна улога во креирањето на Охридскиот договор, зошто тогаш да не направите таков договор и за малцинствата во Грција?
Мојот одговор е дека Грција, каде што има само едно малцинство, муслиманското, кое е официјално признаено од две држави, е базирана на концептот на граѓани, а не на националности. Основата на европскиот начин на мислење се граѓаните, граѓаните како индивидуалци. Не е основано на концепт на националност.
Сега гледате опасност за дестабилизација на регионот?
Единствен начин за стабилизирање на државата е албанските партии да го убедат ВМРО–ДПМНЕ да потпише платформа за трите работи што ги кажав, членство во НАТО, во ЕУ и решавање на спорот. Ова е големиот предизвик, не е веќе добивањето десет отсто од министерствата.
Според Вас, какви се шансите да се постигне договор за таква платформа?
Некои ми велат дека тоа е утопија. Напротив, би рекол дека е прагматичен пристап. Така може да покажат и дома и на ЕУ дека се сериозен дел од политичката сцена десет години по Охрид. Сакам и уште нешто да потенцирам. Бранко Црвенковски и Радмила Шеќеринска го прифатија ставот на Груевски за референдум за потенцијален предлог за името. Сега, како што знаете, веројатно, наесен во Грција прв пат ќе има референдум за економските промени. Сметам дека потоа Грција ќе се одлучи дека треба и референдум за предлогот за името, но и за прием во ЕУ и во НАТО. Која било одлука на грчката влада ќе биде ставена на референдум. Затоа ги повикувам политичките фактори во вашата држава, но не и премиерот, бидејќи не е можно, но албанските лидери и СДСМ да размислат подобро пред да направат ваков чекор и да не воведат референдум за оваа тема. |