Загрозено здравјето на штрајкувачите
Ангел Данов
КАВАДАРЦИ - Вработените во кавадаречки „Мик“ и „Еко сан“, кои штрајкуваат цел месец за плати, придонеси, сини картони и нормални услови во производните погони, се жалат дека е загрозено и нивното здравје. Во фирмите била дистрибуирана вода од бунари, која покрај за технолошкиот процес се користела и за пиење. Штрајкувачите тврдат дека за бунарската вода немало направено никакви бактериолошки анализи, па заклучуваат дека работодавачите не се грижат за нивното здравје. За да избегнат евентуално труење носат шишиња од дома. Тие се пожалија и на руинираните санитарни јазли.
„Лете е неподносливо жешко во производните хали, а зиме премногу ладно. Нема никаков систем за климатизација и вентилација. Не добиваме ХТЗ-опрема веќе две години, со што дополнително е загрозена нашата безбедност при работа. Машините се непрописно вклучени во електричната инсталација“, велат вработените.
„Мик“ и „Еко сан“ се македонски фирми со доминантен грчки капитал.
Претставниците на синдикатот во целост ги отфрлија изјавите на Надица Мантева, правниот застапник на „Мик“ и „Еко сан“, која изјави дека штрајкот е нелегитимен. Одлуката за протестот со конкретни барања, според синдикатот е донесена согласно Законот за работни односи. На тврдењата на Мантева дека основните услови за работа биле затекнати со превземањето на фирмите синдикатот вели дека тоа било лага, бидејќи со текот на времето станувало се' полошо.
Вкупно 156 работници вчера побараа нова средба со сопствениците. Не отстапуваат од своите барања, редовна исплата на платите најдоцна до 15 во месецот - со по две заостанати рати за минат труд од 2010 година, уплата на заостанатите придонеси за 2005 година, обезбедување основни услови за работа. |