„Демос“ ќе живне наесен
Активностите на Институтот „Демос“ се замрени, ама не се згаснати. Последната дебата на овој тинк-тенк се одржа пред речиси пет месеци. Сепак, неговите основачи најавуваат реактивирање на јавна сцена во почетокот на есента. Во меѓувреме, како што објаснува директорот на „Демос“, Ѓорѓи Спасов, се очекува да се обезбедат финансиски средства преку неколку проекти од областа на развојот на демократските процеси за кои аплицирал Институтот. „Се надевам дека во септември или во октомври повторно ќе ги активираме дебатите на актуелни теми од општествениот живот“, вели тој.
Институтот, кој, главно, го формираа поранешни високи функционери на СДСМ - Спасов, Никола Поповски, Нано Ружин, Сашко Насев, како и Ризван Сулејмани, во ноември минатата година стартуваше мошне амбициозно, организирајќи три последователни дебати. Неговата промоција, исто така, ги подигна тензиите во опозицискиот политички камп поради сомневањата на социјалдемократите дека зад „Демос“ се кријат политичките амбиции на неговите основачи. Но, целата бучава стивна во почетокот на оваа година кога се одржа и последната дебата. Претходно, Радмила Шеќеринска поднесе оставка од позицијата претседател на Советодавниот борд на „Демос“. Од „Демос“ пред неколку месеци најавуваа трибина за македонско-бугарските односи, на која требаше да гостува Соломон Паси, поранешниот министер за надворешни работи на Бугарија и советник за НАТО на македонскиот премиер Никола Груевски. Но, таа идеја се' уште не е реализирана. (А.М.М.) |