Вештачи секој што ќе стигне
Форензичарите укажуваат на хаос во вештачењата, при што поради непрофесионализам, многу случаи остануваат мистерија
Даниела Трпчевска
Место човечки, коски од крава завршија на анализи во Институтот за судска медицина во Скопје. Форензичарите биле изненадени кога меѓу купот доказен материјал за расветлување на важен случај, утврдиле дека токму половината од доказите се коски од крава! Овој пример, според судските медицинари, не е единствен. „Офталмолози со надворешен преглед се случува да даваат дијагнози во случаи за сексуална злоупотреба, а лекари кај тригодишни деца да утврдат оштетување на химен, а тој се создава дури по четвртата година“, тврдат форензичарите од Институтот за судска медицина во Скопје.
Поради пропусти во истрагите, неизвршени вештачења или непрофесионална експертиза, вистината за дел од несреќите, самоубиствата, сообраќајките, силувањата останува да види во воздух, а случаите или не добиваат судска разрешница или, пак, пресудите паѓаат како круши пред повисоките судски инстанци.
Автомобили што излетуваат од патот во бездни и загинати лица, самоубиства, несреќни случаи... Според експертите за судска медицина, иако е недозволиво, ваквите несреќи понекогаш се случува да поминат без да биде извршена обдукција. По барање на семејствата, им се предава телото на починатите, а како причина за трагедијата се наведува – несреќен случај.
Доктор Алексеј Дума и неговиот соработник Златко Чакар укажуваат дека се' почесто се случува да не се вештачи насилна смрт или таму каде што има индиции за насилство, судот да одлучи да ја прескокне ��бдукцијата. „За покритие се користат доктори од секаква област за да потпишат дијагноза и да ја покријат причината за смртта“, вели Чакар.
Според Законот за кривична постапка, преглед и обдукција можат да направат двајца доктори, од кои еден мора да е специјалист по судска медицина. Во земјава има петнаесетина судски медицинари што имаат лиценци за работа. Но, според првиот човек на Институтот, со цел да ги избегнат трошоците, некои од судовите се одлучуваат на своја рака да најдат доктори што ќе извршат вештачења, што може да доведе до големи последици и пропусти во постапката.
„Форензичарите мора да присуствуваат на увид при секоја несреќа на самото место каде што се собираат доказите. Увидот е до 60 отсто важен за решавање на случајот, оти тука се утврдуваат сите најважни факти за тоа што се случило. Тоа што не не' викаат на сообраќајни несреќи е голем пропуст, оти се губат многу микротраги во возилата, кои би можеле да помогнат за расветлување на несреќите“, вели Алексеј Дума и додава дека „често не само што не ги повикуваат на увид туку и се прескокнуваат обдукциите и телата на загинатите веднаш им се предаваат на семејствата“.
Тој се присетува на еден случај од пред повеќе години кога постара жена загинала покрај патот од удар на возило. Адвокатот тврдел дека жртвата починала од инфаркт како резултат на стравот кога видела дека возилото се приближува кон неа. „Но, по извесен период, судот побара ексхумација на телото како доказ. Обдукцијата покажа дека смртта настанала како резултат на прегазување“, објаснува Дума.
Но, најголеми забелешки форензичарите изнесуваат за вештачењата на случаите за сексуална злоупотреба на деца, третманот и прегледот на жртвите на сексуално насилство. Според нив, начинот на вршење на телесниот преглед на децата е строго дефиниран со протокол и точно се знае што смее, а што е недозволиво да се направи, бидејќи со невнимание може да не се регистрира доказот или да се уништи доказ.
„Само со гинеколошки преглед е неприфатливо да се утврди дали некое дете е сексуално злоупотребено, бидејќи тоа се коси со стандардите за судска медицина. За сексуално злоупотребените деца постои посебен протокол за обработка, оти детето е многу чувствителна материја. Потребни се големо искуство и знаење за да се утврди дали станува збор за доброволен полов однос или, пак, за насилен чин“, вели Дума.
Прегледите, според нив, може да ги врши гинеколог што има поминато посебна едукација за форензична сексологија. На тој начин ќе се елиминираат случаите каде што е пронајдено оштетување на хименот кај тригодишно дете, што е неверојатна работа.
„Имаме случаи кога лекари кај тригодишни деца наоѓаат дека дошло до оштетување на химен при сексуална злоупотреба, а сите знаеме дека хименот кај девојчињата се развива дури по четвртата година“, вели Дума. На овој начин не само што се доведува во прашање резултатот од вештачењето туку поради лошиот третман, се уништуваат трагите и доказите за натамошната постапка.
„Преглед на химен е тешка работа, бара многу искуство, а самиот преглед на малолетникот е строго дефиниран каде може да се направи и како, за да не се влијае врз сеќавањето на детето. Исто така, недозволив е преглед со спекулум, кој се користи за преглед на матката, што укажува на тотално непознавање на начинот на преглед на хименот од страна на лекарите што се ангажираат“, вели Дума.
Вештакот Златко Чакар се присетува на еден случај од пред неколку години кога се удавило дете во базен. На увид, според него, бил повикан патолог, кој со надворешен преглед констатирал дека станува збор за „суво утопување“.
„Станува збор за шок што настапува поради големи температурни разлики, кога поради презагреаност за телото, при влегувањето во вода доаѓа до смрт, поради што се нарекува и смрт на добри пливачи. Но, да се постави дијагноза дека тоа е причина за смртта - е невозможно без да биде извршена обдукција“, дециден е Чакар.
Претседателите на судовите, пак, тврдат дека обдукции редовно се вршат, а за тоа се консултираат вештаци, чии имиња фигурираат во листите и во регистрите за вешти лица. Цените на вештачењата, кои признаваат дека се многу високи и постојано растат, за првите луѓе на судовите не се пречка за да се бара вештачење за секој спорен случај, бидејќи најважна е правдата.
Претседателот на судот во Охрид, Владо Дејаноски, признава дека порано се случувало да не се прави обдукција за лица починати во болница поради инсистирање на семејствата веднаш да им с�� предаде телото на починатиот. „Но, во изминативе неколку години инсистираме за секој случај да биде направена обдукција“, тврди Дејаноски.
Според него, обдукцијата ја прави Одделението за судска медицина во Битола чии услуги најчесто се користат, освен во случајот со бродската несреќа кога загинаа 15 бугарски туристи, кога вештачењето го правеа група експерти.
„Обичен лекар не може да се случи да биде повикан на обдукција, особено при случаите со давење кога задолжително се прави вештачење. Понекогаш кај сообраќајни несреќи каде што има сведоци телото може да му биде предадено на семејството“, вели Дејаноски. Според него, од почетокот на годинава во судот во Охрид биле направени осум обдукции. Минатата година, пак, нивната бројка била речиси тројно поголема - 20.
Според форензичарите, пак, некои од судовите не го почитуваат ниту основното начело дека вештачењето треба да го направат двајца лекари, од кои едниот мора да е специјализант по судско-медицинска експертиза.
Еднаш уништени докази, според нив, повеќе не се враќаат. Понекогаш е доволно само едно влакно за да се реши случајот, но, според Дума, доколку не биде направено тоа веднаш на самото место, се остава можност да се уништат клучните докази и големи случаи засекогаш да останат мистерија.
Долгот за вештачења - 600 илјади евра
Судските власти на Институтот за судска медицина му должат 600 илјади евра за вештачењата направени во изминативе две години. Од судовите признаваат дека доцнат со плаќањето, но тврдат дека трошоците, иако со задоцнување, сепак, се намируваат. „Основните судови имаат проблем за плаќања на вештачењата, но со задоцнување, трошоците, сепак, се намируваат. Ова состојба се констатира на сите средби на надлежните во судството, но децидни сме дека финансиските проблеми нема да влијаат за сметка на правдата“, вели претседателот на штипска Апелација, Стојанче Рибарев.
Тој тврди дека досега не примил поплака од странка дека не е направено вештачење, а немало поплаки ниту од јавните обвинители дека побарале, а не било извршено вештачење. „Вештачењата ги прават лица од листата и регистарот на именувани вештаци доставена до основните судови, која е јавно достапна. При поедноставни случаи ги користиме услугите на тие вештаци, додека при поголеми несреќи, се бара помош и од другите надлежни медицински институции. Нема можност да вршат вештачења лица што не се на листата. Има забелешки дека патолози биле повикувани на некои вештачења, но странката ако не е задоволна може да побара супервештачење што нема да биде на нивни товар“, укажува првиот човек на штипска Апелација.
Според него, поголемите судови прават напори да воведат исти цени за вештачењата, со оглед на тоа дека нема правен акт со кој ќе се определи износот на некое вештачење. Тоа најчесто доведува од ракав да се вадат цените и едно исто вештачење во Кочани да биде 5.000 денари, а во друг град да чини неколкупати повеќе.
Дума, пак, тврди дека додека судовите се жалат на високите цени на вештачењата, но од друга страна изнаоѓаат пари за да платат вештачења извршени од лекари, кои немаат лиценца.
„Некои од судовите не го почитуваат ниту основното начело дека вештачењето треба да го направат двајца лекари, од кои едниот мора да е специјализант по судско-медицинска експертиза“, вели Дума.
Еднаш уништени докази, според форензичарите, повеќе не се враќаат. Понекогаш е доволно само едно влакно за да се реши случајот, но, според Дума, доколку тоа не биде направено веднаш на самото место, се остава можност да се уништат клучните докази и големи случаи засекогаш да останат мистерија“. (Д.Т.) |