Судовите ги отворија вратите за граѓаните
Вчера првпат судовите свечено го прославија Европскиот ден на граѓански права, отворајќи ги ширум вратите за граѓаните. Сите заинтересирани во текот на вчерашниот ден можеа да ги посетат основните, апелационите судови и Управниот суд во Скопје, да поразговараат и да се запознаат со работата на овие институции. Иницијативата за одбележување на овој ден потекнува од Европската комисија и од Советот на Европа.
Во Врховниот суд беше одржана работилница на тема „Резултатите од преземените реформски активности во областа на ефикасноста на правдата и презентирање на проектот за кодификација на граѓанското право“, а свои обраќања имаа министерот за правда, Михајло Маневски, и претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски.
Во Основниот суд Скопје 1 кандидатите од третата генерација на почетната обука на Академијата за судии и јавни обвинители одржаа симулирано судење за гостите, студентите и за средношколците.
И во штипскиот Основен и Апелационен суд беше одбележан Европскиот ден на граѓанската правда, а ученици од основните и од средни училишта, како и студенти од Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ ги посетија судовите и се запознаа со нивната работа.
Граѓаните на Гостивар во рамките на одбележувањето на Европскиот ден на граѓанска правда се запознаа со работата и со надлежностите на двата суда што дејствуваат на гостиварското подрачје. Тие ги разгледаа кабинетите на судиите, а се запознаа и со историјатот и со надлежностите на Основниот суд како најстара судска институција во Гостивар. Граѓаните при посетата на судовите можеа да доби��ат и бесплатни правни совети. (Љ.С.) |