Берово подготвено да прими 30.000 гости
Иван Бојаџиски
ШТИП - Од денес, па до сабота, во Берово ќе се одвива традиционалниот фестивал „Етноплоштад“ исполнет со многу содржини. Ќе биде отворен со настапи на фолклорни ансамбли и исполнители, а ќе кулминира со традиционалниот курбан во дворот на црквата „Света Богородица“. Беровци го исчистија и го разубавија својот град во очекување на 30.000 гости од сите краишта на земјава.
Марин Демировски, претседател на организациониот одбор, вели дека потврда за учество на фестивалот „Етноплоштад“ добиле од сите порано најавени учесници. „На отворената сцена на нашиот плоштад ќе настапат над 200 фолклористи од десетина европски држави, но и о�� Бразил и од САД. Посетителите и проследувачи на фестивалот ќе имаат можност да уживаат во изведбите на самостојни уметници и групи што негуваат музика и автентичен фолклор од своето поднебје, како и стилизиран фолклор, сите форми на џез, фјужан и елекронска музика“, нагласува Демировски.
Меѓу учесниците се и македонската група „Монистра“, фолклорниот ансамбл „Карпати“ од Романија, групата „Џембабе“ од Словенија, нивната сонародничка Ксенија Вискет, Дебора Гарсија Кастано од Шпанија, Паола Бентон од Бразил и многу други. Во градскиот музеј ќе биде отворена изложба под наслов „Душата на Берово“ посветена на беровската чалгија, чии автори се Тимко Чичаковски и м-р Владимир Јаневски.
На плоштадот, но и на главната улица во центарот на Берово ќе бидат распослани традиционалните малешевски ракотворби што ги изработуваат жените од овој крај со векови не дозволувајќи тие никогаш да го загубат своето значење. Гостите ќе ја имаат можноста да вкусат и од еколошки чистите прехранбени производи.
„Работевме макотрпно и посветено на сите луѓе што ќе дојдат во Берово во наредните три ден�� да им обезбедиме уживање. Од убавата музика на народите од светот, преку прекрасните пејзажи на живописната Малешевија се' до гурманските специјалитети од производи што ги има само во нашиот еколошки рај. Секој што ќе дојде во Берово е добредојден и на секого ќе му биде посветено должното внимание“, изјави Демировски.
Во саботата, на 28 август, на верскиот празник Голема Богородица во беровската црква „Света Богородица“ илјадници граѓани ќе имаат можност да присуствуваат на традиционалниот курбан, кој има традиција од над половина век. Во околу сто казани ќе врие јагнешко месо, кое луѓето од Малешевијата го принесуваат како курбан заедно со пиперки, кромид и домати. На посетителите е само да си донесат прибор за јадење. Се' друго е тука, во дворот на црквата и во прекрасните зелени ливади околу неа.
Берово и Малешевијата во последните години направија многу за туристичката промоција на овој прекрасен крај, кој во минатото не го добиваше заслуженото внимание од државата. Овде веќе се изградени многу туристичко-угостителски капацитети, се градат и нови, се промовираа можностите на езерото и планината и сето тоа гарнирано со извонредниот шарм на беровци и малешевци за кои секој гостин е како дел од семејството. |