ПДП бара нов политички пакт меѓу Македонците и Албанците
Партијата се залага за реафирмација на уставно - правниот статус на Албанците како уставотворен народ
Најстариот политички субјект на Албанците - ПДП и' предлага на Владата формирање нов политички пакт помеѓу Македонците и Албанците. Во Резолуцијата потпишана од новиот лидер на просперитетот, Сејефдин Харуни, оваа партија се залага за реафирмација на уставно-правниот статус на Албанците во земјава како уставотворен народ.
„Партијата за демократски просперитет ги реафирмира и ги актуализира својот одлучен политички демарш и своето цврсто залагање за уставно-правно регулирање на Република Македонија како држава на два државотворни народа - држава на Македонците и на Албанците, како договор за трајно демократско решение за меѓусебна кохабитација меѓу двата народа на оваа држава“, се вели во текстот на Резолуцијата усвоена на петтата конференција на ПДП деновиве во Тетово.
Според оваа партија, новиот политички пакт меѓу Македонците и Албанците треба да се дефинира како нова демократска политичка рамка на кохабитација на двата конститутивни народа на оваа држава, а врз основа на нови преговори меѓу двете заедници со присуство на меѓународната заедница.
ПДП планира новиот политички пакт да го достави до Владата и до меѓународната заедница со цел, како што се наведува, да започне нова етапа на издржлива и трајна кохабитација, како и политичка нормализација и демократизација на меѓуетничките односи. Оваа партија смета дека албанскиот народ во Македонија со својот посебен идентитет има политичка способност и автономна волја да понуди своја политичка визија и да одлучи за својата иднина во Република Македонија.
„За да се реализира на демократски начин оваа резолуција, ПДП ќе се залага да му создаде политички и социјален легитимитет на новиот политички пакт кај албанското општест��о“, се вели на крајот на донесената резолуција.
Лидерот на ПДП, Сејефдин Харуни, вчера не сакаше да ги коментира мотивите за донесување една ваква иницијатива, со објаснување дека бил зафатен. (П.Р.) |