Топтан: Секое дете во Турција знае за Битола
Битола - Битола е еден од ретките градови во светот за кој знае секое дете во Турција. Врските кои основачот на модерна Турција, Кемал Ататурк, ги воспостави со Битола и еден век потоа двата народа ги негуваат со исклучителна љубов, смета претседателот на турскиот парламент, Ќоксал Топтан, при неговата вчерашна посета на градот.
,,Децата уште при нивното школување во основно училиште учат пред се' за Анкара како главен град, за Истанбул како втор по големина, но веднаш потоа доаѓа и Битола каде што се школувал Ататурк, но во овие краишта е роден и неговиот татко. Затоа за нас Битола има исклучително големо значење“,рече Топтан.
Релациите помеѓу Битола и турскиот народ во иднина ќе бидат насочени, пред се', на развој на туризмот и културата, вели првиот турски парламентарец.
,,Во наредниот период треба да има повеќе туристи во Битола. Секако, тоа ќе биде придонес да се запознаеме подобро. И нашите луѓе повеќе да ја запознаат Битола. Да дојдат и турски инвеститори со што ќе ја подобриме нашата трговска и економска соработка уште повеќе“, најави Топтан.
За домаќинот, градоначалникот Владимир Талевски посетата на првите државници на Турција на Битола е само доказ за цврстите билатерални односи, но и за продлабочување на соработката на нашиот град со Турција на сите релации. (А.Б.) |