Нимиц на средба со државниот врв
Државниот врв на Македонија попладнево на одделни средби ќе се сретне со медијаторот од ОН во спорот со името, Метју Нимиц. Посредникот кој по Скопје ќе ја посети и Атина за лично да ги слушне ставовите на двете страни по средбата која ја имаше пред две седмици со македонскиот и со грчкиот преговарач Зоран Јолевски и Адмантиос Василакис, пред посетата, за МТВ изјави дека „ако двете страни сериозно се ангажираат за прашањето брзо ќе има решение “, изјави Нимиц.
Медијаторот во својата куса изјава не прецизира дали доаѓа со нов предлог за името, но смета дека спорот е комплициран и оти, доколку двете страни се флексибилни, до крајот на годината ќе се најде решение. „Ќе барам од преговарачите многу напор и работа. Во Скопје ќе ги слушнам внимателно ставовите на македонската страна, да постигнеме напредок во преговорите“, вели Нимиц.
Нимиц денеска прво ќе оствари средба со министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски, потоа со премиерот Никола Груевски и на крај со претседателот Ѓорге Иванов.
Утре тој заминува за Атина каде што е предвидено да има средба само со шефицата на грчката дипломатија, Дора Бакојани, и со Василакис. (Н.Р.) |