По вторпат украдена камбанаријата во Џепчиште
Камбанаријата на црквата „Св. Богородица“ беше украдена и пред две години
ТЕТОВО - Црквата „Св. Богородица“ во тетовското село Џепчиште вторпат за три дена беше цел на арамии. Овој пат од средината на десетметарскиот бетонски крст, кој истовремено е приспособен и како камбанарија, насилно била откорната црковната камбана, тешка околу сто килограми и вредна 2.000 евра. Според Марјан Јосифовски, портпарол на СВР-Тетово, непознатите сторители најнапред го искршиле катанецот на дворната влезна врата на манастирскиот комплекс, го пребарале помошниот објект граден како трпезарија, а потоа се качиле на бетонскиот крст, од каде што ја искорнале црковната камбана.
Во дворот од црквата се забележливи траги од тркала на моторно возило со кое арамиите дошле, а потоа и го однеле црковното ѕвоно. Според членови на Црковниот одбор на Џепчиште, крадците најнапред ја наполниле внатрешноста на камбаната за да се оневозможи екот, а потоа ја искорнале од седиштето.
Ова е втора камбана што ја подаруваат на манастирската црква браќата Ранко и Ристо Добревски, двајцата родени во Џепчиште, кои долго време живеат во Бразил. Тие се и ктитори на сите објекти во манастирскиот комплекс што ги граделе во времето од 1992 до 1994 година како подарок за своето родно село, но и на православните верници од целиот регион. При нејзиното осветување во 1995 година поставиле црковна камбана која пред две години беше насилно искорната и однесена. Нејзината вредност се ценеше на околу 3.500 евра. И тогашната и оваа што сега е однесена не се пронајдени. Манастирската црква „Пресвета Богородица“ и „Св. Атанасиј“ пред три дена беа оштетени и ограбени од насилници кои направиле штета од 1.600 евра. (Г.Е.) |