Ништо од проширувањето кај Тутунски комбинат и на „Илинденска“
Во Градот не прогнозираат кога ќе почне реализацијата на проектите
Сања Наумовска
Проширувањето на раскрсницата кај Тутунскиот комбинат и на булеварот „Илинденска“ се' уште не почнале, иако досега требаше да бидат готови и двата проекта. Градските власти пролетоска најавија дека во јуни ќе почнат со реализација на четири капитални проекти, а во моментов се работи само на два - на проширувањето на булеварот „Гоце Делчев“ и на клучката-детелинка кај Бит- пазар.
Од друга страна, пак, градежната сезона е при крај и првиот снег ќе ги затвори асфалтните бази. Тоа значи дека повторно ќе се чека до следната пролет и ќе се изгуби драгоцено време. Проблематично е и завршувањето на клучката кај Бит- пазар, со оглед на тоа дека се доцнеше со почетокот на изградбата. Временските услови и во овој случај може да го искомплицираат асфалтирањето и да ги одложат работите до напролет.
Раскрсницата кај Тутунскиот комбинат и проширувањето на улицата „Илинденска“ се' уште се заглавени во административните процедури на вадење одобренија, дозволи и усогласување со планови, објаснуваат во Градот. Засега нема можност ниту да се прогнозира кога би стартувала нивната реализација.
Поради тоа што не е донесен Детален урбанистички план за околината на Тутунскиот комбинат за да може да започне реализацијата на проширувањето, Градот треба да докаже дека тоа не отстапува од Генералниот план. Заради тоа, тим во Секторот за урбанизам има изработено толкување на ГУП-от, кое ќе биде доставено до Министерството за внатрешни работи.
„Документот е во постапка на издавање и толкувањето деновиве ќе биде испратено до МВР. Бидејќи не се работи за изградба на нов објект, не ни треба градежна дозвола, туку само одобрение за реконструкција на постојната патна мрежа,бидејќи ќе има и нов сообраќаен режим на потегот“, вели Алјоша Шопар, раководител на Секторот за урбанизам.
Неизвесно е и започнувањето на проширувањето на „Илинденска“, каде што се' уште има нерешени имотноправни проблеми. Општина Центар, исто така, не издава градежна дозвола за дел од трасата, бидејќи не била во согласност со ДУП. Иако беше најавувано дека „Илинденска“, на потегот од фонтаната „Лотос“ до семафорите кај „Александар палас“ ќе биде готова до крајот на годинава, во Градот засега нема најава кога би почнала изградбата. |