Со мотор-бомба нападнат суд во Атина
Експлодира бомба поставена во багажник на мотор – нема жртви
Од нашиот дописник, Миркица Поповиќ
Атина - Претпоследниот ден од 2010 година започна со вознемирувачка експлозија за жителите на Атина. Во 8,22 во четвртокот изутрината експлодираше бомба поставена во багажникот на мотор пред зградата на првостепениот суд во населбата Ампелокипи, во близина на делот каде што наоѓаат голем дел од странските амбасади во Атина. Од првичните сознанија, полицијата се сомнева дека станува збор за терористички напад.
Зградата на судот е значително оштетена, но, за среќа, нема жртви од експлозијата. Вработените и странките во судот беа евакуирани, а делот околу судот беше изолиран благодарение на телефонскиот повик до телевизијата Алтер и весникот „Елефтеротипија“ 40-ина минути пред експлозијата. Анонимниот јавувач известил дека има поставено бомба во мотор пред судот, точно опишал како изгледа моторот и за колку време од повикот може да се очекува бомбата. Покрај судот, огромна материјална штета има и на околните згради и продавници, искршени се прозорците на блиските згради, а изгореа и се оштетени десетина автомобили што биле паркирани пред судот. Како што пренесе телевизијата Скај, еден сведок за полицијата тврдел дека станува збор за полициски мотор што го паркирале двајца мажи пред судот во 6 часот изутрината, облечени во полициски униформи.
Вработените во судот видно вознемирени за медиумите изјавија дека државата се однесува неодговорно кон судовите, бидејќи во целата зграда и околу неа нема никаков систем на обезбедување. Како што истакнаа, нема ниту чувари ниту, пак, безбедносни камери во случај да дојде до некакви инциденти. Според вработените, ова е крајно неодговорно од страна на државата, бидејќи и пред неколку месеци по напад на суд во Солун, имало предупредување дека ќе има напади на судовите во Атина.
Во текот на вчерашниот ден никој не презеде одговорност за нападот на судот. Според првичните сознанија, полицијата се сомнева дека станува збор за напад од страна на терористичката група „Огнени јадра“. Оваа организација презеде одговорност и за бомбите испратени до неколку странски амбасади во Атина пред неколку месеци.
Владата и политичките партии во Грција го осудија овој терористички напад, говорејќи дека е страшен фактот што вакви напади и инциденти за граѓаните во Атина стануваат секојдневје.
Покрај експлозијата во Атина, Грција ја потресе и експлозијата пред грчката амбасада во Буенос Аирес. Според известувањето на грчкото Министерство за надворешни работи, пред амбасадата бил фрлена бомба-молотов од непознати лица. Персоналот не бил присутен во зградата и нема некакви жртви, а сосема мали се штетите на фасадата на амбасадата. За потсетување, оваа недела беше испратен и пакет со бомба до грчката амбасада во Рим, но благодарение на акцијата на локалната полицијата, бомбата беше безбедно деактивирана. |