СТИЛ
Сите на Градски да пееме за Тоше!
Македонски и балкански колеги ќе и' оддадат чест на ѕвездата, под мотото „Те сакаме сите, Тоше!“
Катерина Шекеровска
Повеќе од три часа, лани на истото место и во истото време (Градски стадион, 5 октомври), дваесет и петилјадна публика заедно со Тоше Проески ги пееше неговите најголеми хитови. Градскиот парк во Скопје и околните сообраќајници беа пребукирани од реки народ и автомобили, автобуси и комбиња кои дојдоа од целата земја, но и надвор од неа за да бидат дел од спектакуларниот хуманитарен концерт. Трибините никогаш не биле пополни, публиката никогаш не била пораспеана, а Тоше никогаш немаше доживеано нешто слично на домашен терен од сопствената публика пред која, како што велеше, има најголема трема. Тоа беше вечер во која се пееше во еден глас, под ѕвездено небо, создавајќи моменти за кои тогаш никој не ни претпоставуваше дека повеќе никогаш нема да се повторат. Последниот концерт на Тоше Проески.
Една година по неговото одржување, во недела вечер (5 октомври), со почеток во 19,30 часот, Тоше одново ќе биде со својата публика, преку сопствените рефрени, но овој пат во интерпретација на неговите најблиски колеги, од земјава и надвор од неа, специјално дојдени да и' оддадат чест на најголемата македонска пејачка ѕвезда, пеејќи под мотото „Те сакаме сите, Тоше!“
Гостите веќе пристигнуваат, техниката се мести на Градскиот стадион, а за влезниците, кои се продаваат по цена од 200 денари, владее огромен интерес. Според последните информации, постојат мали промени во списокот на гости-музичари.
„Настапот на сите досега најавени имиња, меѓу кои се Калиопи, Симон Трпчески, ’Синтезис‘, Наум Петрески, Адријан Гаџа, Леонтина, Билја Крстиќ, Бојан Маровиќ, Владо Георгиев, Жељко Самарџиќ, Гоца Тржан, Тони Цетински, Аки Рахимовски, Маја Татиќ, Виталиј Козловски... и други пријатели на Тоше од сите земји на поранешна Југославија и Украина е потврден, со исклучок на Тифа кој, како што рече, нема да може да ни се придружи од емотивни причини, како и Ања Рупел, која искажа длабоко жалење и се извини што не може да биде дел од концертот поради закажано снимање. Од друга страна, дополнително, учеството го најави Игор Дурловски, кој успеа да ги одложи своите обврски. Игор ќе ја пее ’Го лажам секој твој рефрен‘“, вели Камелија Левенска-Николовска, директорка на „Примарк комуникации��, задолжена за ПР на концертот.
Како што дознаваме, Аки Рахимовски веќе е во Скопје, а другите, освен Руслана која пристигнува на денот на концертот, ќе допатуваат денеска, за кога е закажана и заедничката проба со оркестарот на Македонската опера и балет, под диригенство на маестро Саша Николовски-Ѓумар, како и бендот на Тоше „Блу фанки индивидуалс“.
Гостите ќе пеат песни од репертоарот на Тоше или нумери што му биле особено драги, а ги исполнувале заедно, додека како водители на настанот ќе се појават Ели Танаскова, Игор Џамбазов и Тони Михајловски. На концертот во Скопје се очекува да биде промовиран уште еден нов сингл од англискиот албум на Тоше, а директниот пренос ќе го врши МТВ на Првата програма.
„Да ве видам в година тука во уште поголем број. Ве сакам сите!“, беа последните зборови на Тоше упатени на последната средба со својата публика.
Да го исполниме ветувањето и сите в недела да бидеме на Градски!
Донаторска активност
Телевизиите што ќе го преземат емитувањето на концертот ќе имаат можност да организираат донаторска активност во својата земја за цели кои сами ќе ги одредат.
Хуманитарната мисија во своите земји, преку отворање донаторски броеви за време на концертот, ќе ја преземат повеќе медиуми, како што се хрватската СМС (Croatia Music Chanel), босанската ТВ Хајат, црногорската МБЦ, српските Пинк и Свет плус, бугарската Балканика... Од босанското радио Зенит веќе најавија дека средствата собрани преку бројот за донации ќе ги донираат на Меѓународната Фондација „Тоше Проески“.
За Македонија, фондот за хуманитарната цел на концертот ќе го сочинуваат средствата од влезниците, како и донациите реализирани преку донаторските телефонски линии од „Македонски телеком“, „Т-мобиле“, „Космофон“ и ВИП, а граѓаните што ќе сакаат да дадат свој придонес кон реализација на хуманитарната акција ќе може да донираат 100 денари преку јавување на телефонскиот број 143-100. За намената на средствата во Македонија, во зависност од вкупниот собран фонд на донации, ќе се одлучува по настанот, од страна на комисијата сочинета од претставници на Меѓународната фондација „Тоше Проески“ и Министерството за култура на Република Македонија, а во име на продолжување на хуманите начела на Тоше.
За потсетување, на минатогодишниот хуманитарен концерт, кој се одвиваше под мотото „Образованието е одговорност на сите“, Тоше успеа да собере околу 150.000 долари кои беа донирани за обновување и реновирање на основните училишта во земјава.
Бина со димензии 17х12, врвно озвучување и осветлување
Техничката опрема што ќе ја зголеми спектакуларноста на настанот е веќе во Скопје, а моментно се работи на нејзино поставување на Градскиот стадион. Станува збор за сцена со големина 17х12 метри, која се користеше на белградската Евровизија, како и озвучувањето и осветлувањето. ЛЕД-екраните, со кои ќе се постигне висока резолуција на сликата, а прв пат се во Македонија, се со големина 100 квадратни метри и се донесени од Загреб. Како и на претходните концерти на Тоше на стадионот, така и овој пат за да се заштити тревната површина, ќе биде поставена специјална порта флор-подлога преку целата зелена површина. ВИП-делот ќе биде сместен пред самата сцена, каде што се планира да се постават столчиња.
Во организацијата на овој меѓународен хуманитарен концерт во чест на Тоше се ангажирани над 200 лица, не вклучувајќи ги изведувачите.
Kонцерт без родителите на Тоше
На концертот в недела ќе биде присутно дел од семејството на Тоше, но без неговите родители Никола и Доменика Проески. Најавено е присуството на неговиот внук Кристијан, зетот Славен и Андреј Николовски, братучед на Тоше и извршен директор на Фондацијата „Тоше Проески“ - Крушево.
Не се очекуваат врнежи во недела вечер
Управата за хидрометеоролошки работи информира дека денеска попладне и во текот на ноќта (спрема недела), под влијание на циклонска активност, се очекуваат пообилни врнежи од дожд, наместа и над 30 литри на квадратен метар, а ќе дува и умерен до засилен југозападен ветер. Сепак, тоа не треба да ги загрижува фановите на Тоше Проески, зашто во текот на утрешниот ден (недела) се очекува стабилизација на времето, намалување на облачноста и без врнежи. Најавен е и пад на температурите и
Секако - препорака за потопла облека на Градскиот стадион.
Седумнаесет барања за технички координати
За ТВ и радиопренос досега до МРТВ, која е медиумски покровител и продуцент на концертот, барање за добивање на техничките координати на сателитот побарале 17 медиуми од Хрватска, Србија, Словенија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Република Српска, Бугарија Романија и Кипар.
Медиумите што ќе го преземат преносот не смеат да емитуваат реклами за неговото времетраење. |