СДСМ: Власта ги злоупотребува медиумите
„Наместо по катастрофалниот извештај за слободата на медиумите во Македонија, Груевски и ВМРО-ДПМНЕ да престанат со нивната политика на злоупотреба, контрола и притисоци врз медиумите, тие продолжуваат со конструкции и манипулации“, реагираше вчера СДСМ.
Игор Ивановски, член на Извршниот одбор на СДСМ, посочи дека, за разлика од Кабинетот на премиерот Никола Груевски, кој „во 2008 година потрошил најмалку 20 милиони евра народни пари за себерекламирање и купување на медиумската наклонетост, Кабинетот на тогашниот претседател Црвенковски ангажирал реномирани експерти од Словенија за помалку од 50 илјади евра“.
Според Ивановски, завчерашната „Јутјуб“ - конструкција е „уште еден проѕирен обид на Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ да се релативизира нивното срамно и непотребно трошење огромни суми народни пари за владините кампањи“. „Затоа, и покрај приземните обиди за манипулација, ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да се соочи со фактот дека не сме исти“, рече тој.
„За каква конструкција и лага се работи доволно говори и фактот што целокупниот буџет на Кабинетот на претседателот на Македонија за 2008 година изнесуваше еден милион и 170 илјади евра, од кои околу 50 проценти се потрошени за плати на вработените, а останатите за меѓународни, домашни и тековни активности на претседателот“, нагласи Ивановски. Тој изрази жалење поради тоа што „дел од медиумите влегле во оваа местенка на ВМРО-ДПМНЕ, преку Кабинетот на марионетата на Груевски, Иванов“. (П.Р.) |