Експерти ќе ги вештачат кодошките досиеја
Претседателот на Уставен суд, Трендафил Ивановски, бараше поништување на одлуката на лустраторите поради флагрантни нелогичности
Гордана Дувњак
Експерти ќе толкуваат што значи да се биде кодош и дали може политички досиеја да се трансформираат во соработнички на безбедносните служби. Ова вчера по кусата пауза и направените меѓусебни консултации го дозволи тричлениот судски совет на Управниот суд, кој расправаше на јавна седница по тужбата на претседателот на Уставен суд, Трендафил Ивановски, кој го оспори решението на Комисијата за лустрација. Продолжението е закажано за вторник, кога двете страни - тужителот Ивановски и Комисијата за лустрација ќе може да предложат свои експерти.
Тричлениот судски совет со кој претседаваше судијката Лидија Каначковиќ и судиите Нада Иванова и Мустафа Шахини најпрво како можен датум го предложија петок, но по интервенција на тужителот дека тој ден се врши избор на нов претседател на Уставен суд, терминот беше променет. По ова Ивановски беше предупреден на фактот дека по истекот на претседателскиот мандат, завршува и важноста на неговиот безбедносен сертификат за увид во класифицирани информации.
На вчерашното соочување, кое беше отворено за новинарите и се изведуваше во речиси невозможни услови поради огромниот интерес на медиумите (салата 3 е адаптирана канцеларија и нема повеќе од десетина квадратни метри) и двете страни останаа на своите тврдења. Ивановски и неговиот полномошник, скопскиот адвокат Стеван Павлески, бараа да се поништи решението на Комисијата по повеќе основи. Тврдеа дека тужителот бил репресирано лице, а не соработник на службите, неговото досие било полициско, а не кодошко, никогаш не потпишал изјава дека е соработник на службите ниту, пак, има негов потпис. Докажуваа дека никогаш не зел пари ниту, пак, му наштетил некому, туку напротив, поради тоа што бил „безбедносно неподобен“ самиот страдал и не бил избран за претседател на Општина Карпош. Во образложението на тужбата укажаа на повеќе нелогичности, фабрикувања на факти, различни псевдоними на соработникот што некаде се јавува како Ламбе, а на друго место допишано со молив како Ламда, како и на недостиг на документи.
Претседателот на Комисијата за лустрација, Томе Аџиев, остана на наводите во одговорот на тужбата. Тој приговори и на надлежноста на Управниот суд да се впушта во утврдување на фактите. А, на забелешката дека во средината на шеесетите години, кога била фатена групата младонационалисти што се залагале за Обединета Македонија, Аџиев потенцираше дека сите не биле соработници, туку само четворица од нив.
„Ако гревот од младоста е доволен за да му се направи грев на човек со фабрикации, кој 45 години немал никаков контакт со безбедносните служби, тогаш нека му служи на чест на оној што тоа го направил“. Вака го заврши своето обраќање претседателот на Уставен суд. Ивановски цел час докажуваше дека има разлики во податоците што ги верификувала Комисијата и оригиналното досие во Државниот архив. Тој тврдеше дека намерно бил уништен делот во кој можело да се види дека станува збор за политичко досие на малолетно лице, а не за соработник на тајната полиција. Тој потврди дека во периодот од март 1964 година до мај 1965 година под закана бил врбуван да кажува за активностите на своите другари, но никогаш доброволно не потпишал некаква изјава ниту, пак, зел пари. Тој смета дека не случајно недостасува делот од неговата наводна изјава оти со задоволство би соработувал „ако не дознаат татко му и школото“.
Неговиот адвокат Павлески укажуваше дека Комисијата направила флагрантни грешки, конструкции и превиди и не утврдила дали потписот на неговиот клиент што се јавува на неколку признаници е автентичен. Во еден прашалник било напишано дека нема земено пари за своите услуги, а на некои места дека добил помош, а не награда од, наводно, 20.000 денари и 10.000 денари. Не се приложени писмени докази од безбедносните служби, а уште помалку писмена изјава и согласност дека тужителот доброволно соработувал ниту, пак, архивирани документи дека тоа е регистрирано во тогашната служба...
Претседателот на лустраторите, Томе Аџиев, кој дојде на расправата заедно со членот Чедо Дамјановски, инсистираше на фактот дека Комисијата не утврдува кој е соработник со службите. Нивна задача била само врз основа на добиените податоци да констатираат дали изјавата на јавниот функционер е вистина и се совпаѓа со фактите.
„Комисијата својата одлука ја донесе врз основа на досието доставено од Државниот архив и не може да си дозволи конструкции, додавања факти, а уште помалку нивно уништување“, рече Аџиев. Тој му приговори на Судот дека дозволил другата страна да го навредува со зборови „инквизиторски, фалсификувања...“, на што судијата-претседавач рече дека ќе реагирале доколку имало такво нешто.
Тој подвлече дека од податоците во досието можело да видат дека целата група била обработувана, но некои прифатиле, а други не. На ова реплицираше Ивановски истакнувајќи дека Комисијата нема право да утврдува дали некој прифатил да соработува или не. Тој уште еднаш јавно повика да се јави секој што го оштетил со своето, наводно, кодошење, бидејќи е подготвен да го обесштети. |