Сергеј Ќетковиќ
Нека не се мислат оние што сакаат да посвојат дете
Популарниот црногорски кантавтор ќе го прослави својот 35. роденден на концерт во Скопје, закажан за празникот на жената, 8 Март
Катерина Шекеровска
Црногорскиот кантавтор и потписник на хитовите „Ако те није пронашла љубав“, „Погледи у тами“, „Проклета била“, „Кад би хтијела“, „Пола мога свијета“, „И да знам гдје“..., Сергеј Ќетковиќ, вчера престојуваше во Скопје по повод промоцијата на својот последен албум „2 минута“ и најавата за претстојниот солистички концерт што ќе се одржи на 8 март во Универзалната сала во Скопје, во организација на „Балкан арт продукција“.
Концертот на Ќетковиќ е вистински подарок за празникот на жените, кои ќе уживаат во неговите рефрени. Посебно за него е што песните самиот ги пишува, а инспирација, како што честопати умее да каже, е неговата сопруга Кристина, со која е во брак 12 години, а на која и' го посвети првиот албум пред 10 години. „2 минута“, во издание на „Сити рекордс“, е негово петто студиско издание, кое премиерно во март ќе има можност да го слушне и македонска публика. Што да очекуваме од концертот во Скопје, кој е дел од голема регионална турнеја на Сергеј Ќетковиќ?
„Драго ми е што повторно ќе се дружиме, а причина е петтото студиско цеде на кое има десет нови песни. Се надевам дека концертот во Универзална сала, на кој многу се радувам и со нетрпение го очекувам, а се случува токму на мојот 35. роденден, ќе ја повториме истата атмосфера од пред неколку месеци“, додаде Ќетковиќ на вчерашната средба со новинарите во хотелот „Квинс“. „Минатиот пат гостинка беше Александра Радовиќ, а овој пат ќе бидете сите вие, па тој што сака да пее или да да каже нешто, добредојден е на сцената“.
Ќетковиќ јавно вети и дека ќе донесе торта за роденденот и ќе ја подели со публиката. „Тортата ќе ја направам јас“, се пошегува шармантниот пејач, кој на прашањето од каде доаѓа името на новиот албум, одговори: „Сакав албумот да има свое име и презиме, па одбравме тоа да биде по најавната песна „2 минута“. Секој ден симболично ја користиме фразата „Еве ме за две минути...“, а во суштина не сме свесни колку е тоа доволно време да се направат некои големи и убави работи. Малку метафора и симболика. Многу песни сум направил за две минути и она што е најбитно кога ќе ме прашаат каде ја наоѓам инспирацијата... Не ја барам јас, туку таа ме наоѓа мене, и тоа буквално се случува за 2 минути. Така настана и песната „Погледи у тами“, која за 2 минути излезе од мене, како и повеќето песни од новото цеде, како и од минатите...“
На средбата во Скопје Ќетковиќ одговараше и на приватни прашања поврзани со неговата ќеркичка Лола, која неодамна ја посвоија со сопругата Кристина. Истакна дека планира да го проширува семејството и понатаму. „Самото посвојување е многу битен чин во животот на секој човек, но јас не сум ни прв ни последен што го направил тоа. Драго ми е што го направивме тоа, тоа е голема работа и за нас и за Лола, па на сите оние што размислуваат за посвојување, би им препорачал да не мислат многу зашто кога ќе го сторат тоа, ќе знаат за што зборувам“, додаде Ќетковиќ. |