Различни прогнози за развојот во 2009
Успех ќе биде раст од 3 до 4,5 отсто: Петер Гошев
Според гувернерот на НБМ, не' чека неизвесна година поради длабочината на кризата
Соња Маџовска
Македонската економија во 2009 година ќе расте меѓу 3 и 4,5 проценти. Ова се проекциите на Народна банка на Македонија, кои се различни од оние на Владата, но се многу поблиски до процените на меѓународните финансиски институции и домашните аналитичари.
На новогодишната средба со новинарите, гувернерот Петар Гошев порача дека не' чека неизвесна година, тешка за проекции, пред се', поради длабочината и времетраењето на кризата. „Извесно е дека ќе се соочиме со забавување на економскиот раст во 2009 година. Според нашите сегашни проекции, ќе биде успех ако нашата економија оствари раст во интервал од 3 до 4,5 отсто“, истакна Гошев, додавајќи дека има добра соработка со Министерството за финансии, но тоа не значи дека секогаш треба да имаат исти крајни проекции.
Гошев смета дека под влијание на кризата не' очекува забавување на економската активност, намалување на девизните приливи, воздржаност од штедење, но и намалено кредитирање. Граѓаните се' потешко ќе доаѓаат до кредит, но постои опасност да им бидат намалени и лимитите на кредитните картички и пречекорувањата на трансакциските сметки. Овој тренд веќе започна годинава, а НБМ со новите вонредни мерки, со кои уште повеќе го ограничи кредитирањето, бара да продолжи тоа и во наредната година.
Гувернерот тврди дека не е загрозена ликвидноста на банките, иако е констатирано намалување на пристапот до свежи пари. „Има само тренд на извесно намалување на ликвидноста кај банките, но за да не дојде до загрозување на стабилноста на банкарскиот систем, НБМ презеде мерки што имаат превентивен карактер“, објаснува Гошев.
Гошев вчера сумираше дека банкарскиот систем во земјава не беше директно погоден од кризата, па 2008 ја прогласи за успешна банкарска година. На банкарскиот пазар годинава влегоа три нови странски стратегиски инвеститори. Сега 14 банки се во сопственост на странски акционери, со што тие учествуваат со околу 84 отсто во вкупниот капитал на банкарскиот систем. Тој не прецизираше дали ќе има олабавување или затегнување на монетарната политика. Според него, едно е сигурно - дека ќе бидат употребени сите инструменти што и' стојат на располагање на НБМ за да го одржи курсот на денарот стабилен. Сепак, порача дека монетарната политика ќе има поголем простор за флексибилност доколку и другите политики не го испуштаат од вид ова важно прашање за макроекономска стабилност на земјава.
Гошев уште еднаш потврди дека нема да има девалвација. „Имаме девизни резерви на солидно ниво и доколку е потребно, ќе интервенираме на девизниот пазар, одржувајќи го девизниот курс стабилен. Во 2008 имавме повеќе интервенции на девизниот пазар. Во еден дел откупувавме, а во еден дел продававме. Девизните резерви на нето-основа изнесуваат 1,537 милијарди евра. Моментно имаме 3,5-месечна покриеност на увозот со девизните резерви, што е солидно ниво“, вели гувернерот Гошев.
Главен предизвик на НБМ во 2009 година ќе биде дефицитот на тековната сметка, кој годинава достигна рекордни 15 отсто од БДП, а за 2009 се очекува тој да биде околу 10-11отсто од БДП. Гошев информираше дека е забележано значително покачување на дефицитот на платната сметка, кој во периодот јануари - септември достигнал 567 милиони евра, наспроти 83 милиони евра остварени во истиот период лани, а се очекува до крајот на годината тој да изнесува околу 15 отсто од БДП. Според гувернерот, иако платниот дисбаланс во 2009 година ќе биде помал, тоа не значи дека ќе има релаксирање на девизниот пазар, бидејќи останува неизвесноста како ќе се покрива дефицитот. Оттаму, според гувернерот, главната детерминанта на монетарната политика ќе бидат движењата во платниот биланс, а не ценовните флуктуации.
Единствено оптимистички за в година се проекциите за инфлацијата. За разлика од годинава, во 2009 се очекува стапката на просечната инфлација да продолжи да се намалува и да се движи од 2,2 до 3,4 отсто на годишно ниво. Годинава инфлацијата во декември ќе биде под 5 отсто, а просечната инфлација ќе се симне на 8 отсто. |