И мажите и жените сакаат сопатник кој нема многу одговорна работа и има време за своето семејство
Маја Томиќ
Кариера или семејство? Што е поважно за Македонците? И едното и другото. Покрај растечкaта желба за кариера македонскиот граѓанин, сепак, тежнее кон квалитетен и избалансиран живот и сака да функционира во сооднос помеѓу професионалниот и семејниот живот. А ако може повеќе да му се посвети на семејството. Дали тоа значи дека се враќа на цена времето кога жените во најголем дел беа само домаќинки? Како мажите и жените го замислуваат својот идеален партнер?
Резултатите од последното истражување на агенцијата ГФК - Скопје покажале дека невработените, домаќинките и пензионерите претпочитаат партнери на кои најважни нешта во животот им се семејството и децата. Над 50 отсто од нив го има ова мислење.
За вработените идеалниот партнер со кој треба да се минува заедничкиот живот е некој што работи, но на помалку одговорни места и кој истовремено покажува грижа за семејството и за децата. Така ��ислат 38 отсто од Македонците. За 30 отсто од граѓаните партнерите кои, пред се', му се посветуваат на семејството, а работата ја ставаат на втор план, се вистинските личности кои тие би сакале да ги имаат покрај себе.
Партнери кои имаат кариера во јавниот или во политичкиот живот и кои за сопствените деца, доколку ги имаат, се грижат со помош на другиот партнер или некој друг член од семејството, не се значајно вреднувани од граѓаните.
Мажите и жените имаат приближни мислења за дефиницијата - идеален партнер. Кај мажите дури 43 отсто претпочитаат партнерки кои работат на помалку одговорни функции и имаат доволно време да се грижат за семејството. Жените ги почитуваат истите овие карактеристики, при што во малку помала мерка, 33 отсто од нив, сакаат сопруг кој работи на помалку одговорна работа, а во малку поголем процент, 35 отсто, сметаат дека посоодветен е оној партнер кој, пред се', е посветен на својата потесна фамилија.
Овие резултати се дел од истражувањето на агенцијата ГФК на тема кој се' може да биде идеален партнер. Според одговорите, имало големи разлики во ставовите, зависно од годините на возраст на испитаниците. Односно, додека помладите не знаеле како треба да изгледа нивниот идеален партнер, постарите веќе имале изградено слика за него. Дури 48 отсто од најмладата популација, од 14 до 18 години, немале одговор на прашањето кои карактеристики треба да го красат нивниот идеален партнер. Од малку постарите, на возраст од 19 до 24 години, 33 отсто одговориле дека за најсоодветни партнери ги сметаат оние што ја градат својата кариера и за чии семејства и деца, ако ги имаат, се грижат или самите или со помош на партнерот и некој друг член од семејството. Веќе постарите лица, од 25. година нагоре, не мислеле така. Тие сакале вработени партнери, но на помалку одговорни позиции, за да можат повеќе од времето да му посветат на семејството. Така одговориле околу 45 отсто од нашите граѓани на возраст од 25 до 50 години.
„Добро е што е се' уште така. Тоа значи дека во нашето општество уште се вреднуваат традиционалните вредности, бракот и семејството, на што, верувајте, ни завидува Запад. Апсолутно е подобро на партнерите еднакво да им е важна и работата и семејството. Инаку, што би било кога секој би функционирал на своја страна. Мора да има воспоставено баланс на обврските меѓу партнерите, пред се', на нивната родителска улога. Тоа што младите не мислат така и што за нив работата е на прво место, пред семејните обврски, тоа е резултат на нивната фантазија за кариеризам. Постарите мислат поинаку, затоа што кај нив се веќе видени и осознаени животните вредности“, вели социологот Љубица Чонева.
Според анкетата на ГФК, во регионите биле давани многу слични одговори, освен драстично различните мислења во северозападниот дел од државата, каде што се најценети и најидеални оние партнери кои првенствено им се посветуваат на потомството и на семејството. Така одговориле 42 отсто од популацијата во тој регион.
До приближно слични одговори дошло и хрватското ГФК при неодамнешното истражување спроведено на истата тема, каков го замислувате идеалниот партнер. Најголем дел од Хрватите одговориле дека би сакале жени кои работат, но на помалку важни позиции и имаат доволно време за своето семејство. Одговорите на анкетираните жени малку ги изненадиле стручњаците кои констатирале дека сегашните жени се' повеќе му се враќаат на домот и на она време кога во мажите гледале партнери кои ќе им обезбедат заштита и егзистенција.
Секоја трета, или 25 отсто од анкетираните жени, одговориле дека сакаат да бидат невработени и да се грижат за децата и за семејството, 34 отсто рекле дека идеална жена значи вработена жена, која се грижи за најблиските со помош на сопругот или друг член на семејството. Само два отсто од нив сметале дека би биле идеални ако се занимаваат со политика.