ССМ против измените на Законот за работни односи
Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи, кој е во втора фаза во собраниска процедура, не е прифатлив за Сојузот на синдикати на Македонија, бидејќи е во насока на кратење на работничките права.
ССМ бара оставка од министерот за труд и социјална политика, Џељаљ Бајрами, и на заменик-министерот, Спиро Ристевски, бидејќи, како што тврдат, не го свикале Економско-социјалниот совет да расправа за предложените измени.
Раководителот на Секторот за работни односи и правна заштита, Драге Јовановски, вчера на прес-конференција рече дека во Предлог-законот има околу 50 членови и речиси сите водат во насока на кратење на правата на работникот. Синдикатот не се согласува со одредбата во предложениот закон да се брише рокот од три дена во кој работодавецот има обврска да го пријави работникот, бидејќи, според Синдикатот, со тоа се отвора можност да не се казнува работодавецот и да се зголеми сивата економија.
Според ССМ, се кратат работничките права и во делот на прекувремената работа, ноќната смена и во користењето на паузата, која со новиот закон се утврдува по третиот час.
Доколку не се прифатат оставките, ССМ, ќе побара од претседателот на државата, Ѓорге Иванов, да не го потпишува указот. (МИА) |