Општините ги бараат парите од данокот за пазарџиите
Општините да добиваат и до 100 отсто од средствата што ќе ги собира државата по основа на паушалниот данок што ќе биде законска обврска за пазарџиите, побара вчера ЗЕЛС од Владата.
Министерот за економија, Фатмир Бесими, на средбата со раководството на ЗЕЛС најави дека Владата позитивно ќе одговори на ова барање, но оти висината на средствата, како и паушалниот данок за пазарџиите, ќе биде утврден наскоро со законски и подзаконски акти.
„Во овој случај, ќе добијат сите - и државата, и општините и пазарџиите, бидејќи досега ниту централната ниту локалните власти не собираа пари, а и самите пазарџии секојдневно се соочува со инспекции“, изјави Бесими.
Потпретседателот на ЗЕЛС, Изет Меџити, изјави дека со законот за вршење дејности од мал обем, што наскоро се очекува да биде во собраниска процедура, „дефинитивно, по многу децении ќе се легализираат пазарите во Македонија“. Согласно со овој Предлог-закон, пазарџиите ќе плаќаат надомест за доделената локација и паушален данок за вршење дејност од мал обем. Лиценците за работа ќе ги издаваат општините и ќе се обновуваат секоја година.
Овој Предлог-закон произлезе како компромисно решение откако пазарџиите со протести се изборија пазарите да не бидат фискализирани. Пазарџиите опфаќаат околу 25 илјади семејства во Македонија и со ова законско решение се очекува да се регулира нивниот социоекономски статус на вршители на дејност од мал обем. (Макфакс) |