„Луфтханза“ ја шири својата мрежа
Aвиокомпанијата веќе купи 45 отсто од капиталот на „Брисел eрлајнс“, за што плати 65 милиони евра
„Луфтханза“ го презеде конкурентот од Белгија „Брисел ерлајнс“. Германската авиокомпанија е во преговори за преземање и на „Аустријан ерлајнс“. И италијанската „Ал Италија“, која се наоѓа во тешка фаза, ја посакува за партнер. „Луфтханза“ се' повеќе ја шири мрежата на авиоврски. Минатата година беше договорено преземањето на „Свис ер“, сега следува купување на белгиската „Брисел ерлајнс“. За корисниците на услугите на „Луфтханза“, кои на пример сакаат да патуваат од Барселона кон Манчестер, тоа значи дека треба да летаат преку Франкфурт или Минхен, исто така преку Цирих, а во иднина и преку Брисел. Шефот на „Луфтханза“, Волфганг Маерхубер, вели: „Доколку сега го додадеме и Брисел како аеродром, тогаш нашите патници ќе добијат дополнителна локација за патување, која исто така географски е добро поставена“.
Како идеално дополнување Маерхубер ја посочува и новата реклама од Белгија. Таа се однесува, пред се', за бизнис-патувањата од главниот град на ЕУ, за кои се специјализираше „Брисел ерлајнс“, како и за врските со Африка.
„Брисел ги разви авиоврските, на пример, со Африка. Тоа е од големо значење за заедничкото работење и за двете компании. Ја поврзуваме нашата мрежа, која е многу моќна и голема“, истакнува Маерхубер.
„Брисел ерлајнс“ веќе подолго време беше во потрага по силен партнер. Авиокомпанијата, која произлезе од државната „Сабена“, во 2001 година банкротира. Во меѓувреме, компанијата покажа добивка, која минатата година изнесуваше 23 милиони евра, или плус од девет милиони споредено со претходната година.
„Луфтханза“ ќе добие зголемување, бидејќи шефот на „Брисел ерлајнс“, Етјен Давињон, смета дека со Германците ќе може да се оди на патот кон побрз развој. Покрај тоа, Давињон мисли дека марката треба да остане под самостојно раководство, вклучително и 3.000 вработени: „Станува збор да се добие корист од заедничкото работење, а не да се отпуштат вработените“, вели Давињон.
Соработката на двете компании треба да донесе годишна заработувачка од околу 50 милиони евра. „Луфтханза“ за првиот чекор кој значеше купување 45 отсто од капиталот на компанијата плати 65 милиони евра. Според договорот, по две години „Луфтханза“ ќе може и целосно да ја преземе „Брисел ерлајнс“. Цената за тоа ќе зависи од идниот развој на работењето. Меѓутоа, таа не треба да ја надмине сумата од 250 милиони евра.
Тоа се многу пари кои шефот на „Луфтханза“, Маерхубер, ги зема в рака. Во исто време и проектот за купување треба да продолжи. Покрај партнерство со ослабената скандинавска САС, „Луфтханза“ е во трка, исто така, и кај „Ал Италија“ и кај австрискиот „Аустријан ерлајнс“.
„Мислам дека барањето на светското население за мобилност, брзо менување на летовите, повеќе опции е едноставно тука и мораме и да го направиме тоа за Европа. Тоа е единствената причина заради која го правиме тоа“, вели Маерхубер.
Но, се разбира дека „Луфтханза“, исто така, е компанија која бргу се развива, а и конкуренцијата се обидува да ја држи на дистанца. На пример, главните ривали, француско-холандската компанија „Ер Франс - КЛМ“ и натаму е број еден во светот. (Дојче веле) |