Брoj 2793  понеделник, 22 септември 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Економија

Французите го штедат бензинот

Во летните месеци Французите потрошија дури 16,9 отсто помалку бензин отколку лани

Од нашиот дописник
Тони Гламчевски

Нанси - Никогаш досега Французите не се покажале толку многу штедливи на бензинот. Летото, симбол на слободата и на многу поголемото користење на личните автомобили за време на одморите, не ги усреќи многу нафтените компании во Франција. Судејќи според бројките на Француската унија на нафтената индустрија објавени деновиве, француските возачи драстично ја намалија потрошувачката на гориво. Високите цени што достигнуваат вредност од 1,50 евра за литар безоловен бензин или околу 1,45 евра за литар дизел се главните причини да се намали вкупната потрошувачка на гориво за историски 12,3 отсто во текот на август во споредба со истиот период во 2007 година. Французите најмногу штедеа на бензинот, дури 16,9 отсто помалку, додека дизел-горивото забележа намалување на продажбата за 10,6 отсто. Феноменот забележан во август, кога традиционално најголем број Французи се на одмор, не е нов, бидејќи за време на сите три летни месеци, јуни, јули и август, вкупната потрошувачка на гориво во Франција се намалила за 7,3 отсто (12,1 отсто за бензинот и 5,7 отсто за дизелот). Според Унијата на нафтените индустрии, главен виновник за намалената потрошувачка е високата цена на суровата нафта, која во тој период ја достигна цената од 147,5 евра за барел. Ако цените на суровата нафта вртоглаво паѓаат на Берзата, на ист начин како што се зголемија, достигнувајќи ја цената од 90 долари за барел во Њујорк, на бензинските станици цените се стабилни. Намалувањата се минимални на големо незадоволство на автомобилистите, кои се сметаат дека се „крави за молзење“.

Високите цени на горивата ги принудија Французите да се однесуваат поразумно со автомобилите, денес тие размислуваат пред да седнат зад воланот. На автопатиштата и на обичните патишта може да се забележи дека тие го променија начинот на возење, определувајќи се за економичен начин на возење, не пречекорувајќи ја брзината од 90 до 110 км/час. Францускиот институт за потрошувачка пресмета дека во 2000 година, за да се наполни еден просечен резервоар на автомобил со 49 литри бензин, беше потребен еден ден работа, денес со една дневница може да се купат само 38 литри. Покрај нафтените компании, најголем губитник од намалената потрошувачка на гориво е државната каса во која нема да се слеат стотина милиони евра. Намалената потрошувачка на гориво, според сите специјалисти, сведочи дека Французите го менуваат односот спрема автомобилите, што се одразува со зголемено користење на јавниот транспорт. Ваквата тенденција сигурно дека нема да се промени во наредниот период, напротив, изгледа дека таа е неповратна.

Според бројките изнесени во анкетата на „Опинион веј“, направена во рамките на Неделата на мобилноста што трае до 22 септември, се потврдува ваквиот заклучок - 58 отсто од возачите тврдат дека многу помалку го користат автомобилот од пред неколку месеци во корист на јавниот транспорт. Во градските средини, каде што јавниот превоз е развиен, автомобилот го користат помалку дури 66 отсто од испитаните. Во текот на првите четири месеци од годинава, јавниот транспорт забележа зголемување на патниците за 6 отсто во споредба со истиот период во 2007 година. На пример, користењето на регионалната и на локалната железница забележа пораст од 6,3 отсто, додека во Парискиот регион зголемувањето е за 5,5 отсто.

Жан-Мари Гуидес, експерт за урбана мобилност, на француското радио РМЦ оцени: „Не може да се оспорува дека постои промена во однесувањето. Во 2005 година, прв пат во историјата на автомобилот, забележано е намалување на сообраќајот за 1,4 отсто во Франција. Тенденцијата се стабилизира во 2006 година на -0,6 отсто и +0,6 отсто“. Односно, нема зголемување на сообраќајот во Франција од 2005 година. Од ваквата тенденција не се поштедени ниту Европа ниту САД, каде што прв пат автомобилскиот сообраќај се намали во текот на 2008 година. Главни причини се економската криза, цената на бензинот и зголемената понуда на јавниот транспорт. Демодираноста на автомобилот се покажува посебно во градовите - пилоти, како што се Цирих, Берн, Фрибург или Амстердам. Од друга страна, средната возраст на купувачите на нови автомобили во Франција денес е 52 години. „Новиот автомобил стана пазар за сениорите! Тоа во целост е спротивно на рекламите на автомобилските конструктори кои го поврзуваат автомобилот со младоста на возачот“, заклучува Жан-Мари Гуидес.


Статијата е прочитана 359 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Економија
Грчките инвеститори во Македонија ќе се повлечат?
Царината ги презеде граничните премини
Земјите од Балканот треба да соработуваат на енергетски план
„Луфтханза“ ја шири својата мрежа