Земјите од Балканот треба да соработуваат на енергетски план
Експертите од Македонија и Бугарија се согласни: неопходни се нови инвестиции и побрза гасификација
Маја Томиќ
Македонската и бугарската експертска јавност се со единствено мислење дека балканските земји треба заеднички да дејствуваат и да си помагаат во енергетскиот сектор поради се' поголемата потреба од енергија, од една страна, и растечкиот недостиг од енергенси во регионот, од друга страна. Тие се согласни и дека на енергетскиот сектор му се неопходни нови инвестиции и дека се потребни итни потези во гасификацијата и либерализацијата на пазарот, а гасот, како алтернатива на скапата струја, треба колку што може побрзо да се донесе во Македонија.
За да се постигнат тие цели, Македонија мора инфраструктурно побрзо да се поврзе со другите земји за да не остане енергетски изолирана, особено во услови на нејзина висока енергетска зависност. Во таа смисла, Македонија има добра можност да се приклучи на проектите кои со помош и поддршка на ЕУ се во фаза на реализирање или допрва ќе се реализираат во соседна Бугарија.
Како што истакна Соломон Паси, пратеник во бугарскиот парламент, на завчерашниот бизнис-форум во организација на Евроатлантскиот клуб и Сојузот на стопанските комори, не треба да се отфрли можноста Македонија да земе учество и во изградбата на нуклеарната централа „Белене“ во Бугарија, која почна да се гради неодамна. Ваква понуда од соседна Бугарија земјава еднаш веќе имаше пред неколку години, но ја отфрли иако, според дел од експертите, тоа беше добра можност за производство на евтина електрична енергија.
„Пред Македонија се отвораат нови хоризонти и вашите бизнисмени треба да решат кои од тие шанси ќе ги искористат. Во енергетиката има огромен терен за соработка, а клучниот предизвик од Бугарија е централата ’Белене‘. Засега Македонија стои настрана. Ако не учествува, подоцна ќе купува поскапа струја“, рече Паси.
Дали Македонија ќе се вклучи во проектот „Белене“ или не, според професор Константин Димитров, тоа е политичка одлука, а доколку се донесе позитивна одлука, земјата за 20-30 години ќе го има решено прашањето за енергетска снабденост. „Но, и да се приклучиме кон ’Белене‘, тоа ќе биде за шест или седум години“, изјави Димитров.
Целта на одржаниот бизнис-форум беше да се воспостават нови перспективи за развој на економската и енергетската соработка меѓу Македонија и Бугарија, да се разговара за модернизација на безбедносниот сектор и поврзување на висока технологија и инфраструктура меѓу двете земји, како и да се охрабрат економските активности на компаниите за инвестиции и меѓусебна соработка. |