Потомците го чуваат споменот на Даме Груев

За правнуците на Груев, спомените од него се најголемо духовно наследство што можат да им го предадат на своите деца, на идните поколенија
Битола - Потомците на големиот македонски револуционер Даме Груев ги чуваат спомените за него како зеницата во окото. Личните предмети, подароците и фотографиите што Даме Груев им ги дал на чување или им ги подарил на своите блиски, сега и по 105 години од неговата смрт грижливо и љубоморно ги чуваат неговите правнуци. Сеќавањата се посилни, особено пред големиот празник Илинден.
Во битолското семејство Ѓорѓиевски се чува икона со ликот на св. Никола. Велат дека таа е еден од најубавите спомени што го наследиле од својот славен предок. На задната страна на иконата има текст, напишан со молив: „Фидан, Јован Смилевецот (таткото на Фидан и Даме, н.з.), 1906 година“ и потпис. Тие веруваат дека потписот на опачината од иконата е лично од Даме, иако за такво тврдење недостигаат аргументи од стручни лица. Можеби, ракописот е од мајсторот што ја врамувал иконата и запишал дека таа е „за Фидан Смилевецот“?
Како и да е, она што им го пренеле предците на правнуците на Даме е дека иконата е подарок од Даме Груев за неговиот брат Фидан. Ѓорги Ѓоргиевски (51) од Битола е еден од правнуците на големиот револуционер што живее во Македонија. Се знае дека потомците на Груев ги има низ цел свет, во Америка, Австралија, Европа. Познато е дека Даме Груев е роден во Смилево од татко Јован и мајка Тула. Неговите предци биле дојдени во Смилево од мијачките села и потекнувал од родот на Лавдовци. И денес, кога смилевци зборуваат за Даме, се' уште го именуваат како Лавдо. Даме никогаш не се оженил, но од браќата Фидан и Ѓорги, како и од најстарата сестра, Доља, фамилијарното стебло на Груеви е богато разгрането.
Ѓорги е правнук на братот на Даме, Фидан, кој имал осум деца. Една од нив била и Надежда. Таа имала четири деца, меѓу кои и Катерина, мајката на нашиот соговорник. Како аманет од мајка му, Ѓорги во својот дом ја има највредната икона за него.
„Ова е икона на св. Никола, која нашиот дедо Фидан ја добил како подарок од помладиот брат Даме. Зад иконата со молив е напишана порака што, за жал, тешко можам да прецизирам што пишува, бидејќи дел од буквите веќе се избледени. Но, на неа јасно се гледа дека е подарок од Даме за својот брат. Стои 1906 година, тоа е година кога загина Даме, а го има и потписот на Даме. Мајка ми Кате ми кажуваше дека Даме ја донел оваа икона од Солун“, вели Ѓорѓи Ѓоргиевски.
Историјата го потврдува фактот дека во 1906 година Даме престојувал во Солун. По кусиот престој во Софија, во септември истата година Даме ја преминал границата, влегол во Македонија и се упатил кон Солун, поради консолидирање на Организацијата. Меѓу другото, во Солун правел план за атентат врз главниот инспектор Хусеин Хилми-паша, атентати врз поважни објекти со странски капитал и ликвидација на драгоманот од грчкиот конзулат, Аскетис.
Набргу потоа Даме, преправен како селанец, заминал за Кукушко. Извесно време престојувал во Струмичко. Документирана е неговата средба со американскиот новинар Алберт Сониксен од тоа време и преку фотографија и со текстовите на Сониксен, меѓутоа, историската наука не располага со факти дека Даме, се' до неговата погибија во декември 1906 година, бил во Битолско, односно во Смилево. Оттука е мистеријата како оваа икона стигнала до неговиот брат Фидан. Дали му ја испратил по јатаци? Дали, можеби, се сретнал со него на друго место?
Даме бил емотивно поврзан со својата фамилија, па често им носел подароци, иако знаеле дека немал пари ниту за пристоен живот.
Многубројни се портретите и фотографиите со Даме што во своите семејни албуми се' уште ги чуваат неговите внуци и правнуци. Горди на својот дедо, кој важи за еден од апостолите на волјата на револуционерна Македонија, потомците на Груев велат дека спомените од него се најголемото духовно наследство што го наследиле и што можат да им го предадат на свои деца, на идните поколенија.
„Преубаво е чувството да знаеш дека во рацете држиш нешто што поминало и низ рацете на нашиот апостол“, раскажува правнукот Ѓоргиевски. Иконата не е единственото нешто што го зачувала мајка му. Кај него се и две оригинални фотографии со Даме, фотографирани од Милтон Манаки. Оригиналните фотографски плочи се чуваат во Архивот во Битола и се публикувани, така што оттука се знае дека Манаки е фотографот пред чиј објектив застанал апостолот на македонското револуционерно дело. Едната фотографија е портрет на Даме Груев од 1902 година, а другата сведочи за аферата со поп Ставре. Дополнителен факт дека се работи за оригинална фотографија е тоа што сликата кај Ѓорѓиевски е комплетна, а на онаа што циркулира во разни монографии, научни трудови, изложби и слично, недостасува еден дел. Тоа значи дека стаклената фотографска плоча со текот на времето била оштетена и еден дел е скршен, па ист недостаток имаат сите подоцнежни фотографии што се правени од негативот.
Инаку, при судењето за оваа афера, во 1900 година Даме е фотографиран со уште дваесетина комити. Аферата со поп Ставре е една од поголемите провали со која се соочила Македонската револуционерна организација, а последиците од неа биле значителни, голем дел од истакнатите раководители биле уапсени и затворени, што влијаело на организациската дејност. Оваа афера била резултат на предавството на поп Ставре, кој одбивајќи да ги вложи бараните 30 лири прилог во касата на Организацијата, случајот го пријавил во полицијата. Од вкупно 22 обвинети, 12 биле осудени на 10 години робија. Меѓу нив и Даме Груев.
„Меѓу спомените од Груев ја чуваме фотографија на која на револуционерот му се суди за аферата со поп Ставре. Фотографијава ја донесов јас лично, од Шведска. Таму ја чуваше мојот вујко, Томе Костовски, внук на Даме. Во биографиите за Даме имав прочитано за настанот. Кога ја видов оваа фотографија кај вујко ми веднаш ја препознав“, покажува Ѓоргиевски.
Според сеќавањето на внуците на Даме, целото негово семејство било во ВМРО и го помагало Илинденското востание. Откако Смилево било запалено од турската војска за време на востанието, фамилијата на Даме останала без дом и се преселила во Битола. Браќата Фидан и Ѓорги, како и сестрата Доља, изградиле две куќи на Смилевски Баир, на улицата „Ваташка“, кај Шарена Чешма. И денес се таму.
„Мајка ми ми кажуваше дека на Баирот, во куќата на дедо Фидан имало еден долап, ковчег. Во него ги криеле важните документи што Даме му ги доверил на својот брат. Меѓутоа, подоцна Фидан го запалил ковчегот, можеби, стравувајќи за животот на своите деца или од други причини. На Даме многу му помагала и баба Ленка, втората жена на Фидан. Јас се' уште дома ја чувам Споменицата со која со декрет од Народна Република Македонија, во 1951 година, на баба Ленка и' се дава признание за особени заслуги во Илинденското востание. Ја чувам и книшката со која земаше илинденска пензија. Од неа живееше“, вели Ѓорги. (А.Б.) |