Анџелина Џоли и Бред Пит во Сараево

„Срцето на Сараево“ му припадна на австрискиот „Дишење“ на Карл Марковиќ, кој ја освои и наградата за главна машка улога на Томас Шуберт
Сунчица Уневска
Анџелина Џоли и Бред Пит стигнаа на самото затворање на годинешниот 17. Сараевски филмски фестивал (22 до 30 јули) и направија сите можни медиуми да го пренесат овој настан. Сараево и без нив годинава имаше, навистина, многу голем број ѕвезди и реномирани филмски автори, па сепак, факт е дека каде и да се појават Џоли и Пит го добиваат планетарното внимание. Така е и во Кан и во Венеција, а камо ли на еден помал и главно регионален фестивал како што е Сараевскиот. Тие беа поканети како почесни гости поврзувајќи го сето тоа со режисерскиот првенец на Анџелина Џоли, „Земја на крв и мед“, кој го снимаше неодамна во регионот и поради кој неколку пати беше во Босна и Херцеговина. Во оваа љубовна приказна, која се случува во време на војна и тоа меѓу Србин и Муслиманка, главната улога ја игра Босанката Зана Марјановиќ, која годинава беше член на главното жири. Сараевскиот фестивал одлучи на Џоли да и даде почесно „Срце на Сараево“ за нејзиниот придонес кон филмот и за нејзиниот севкупен општествен ангажман, но тоа до самиот крај го криеше, па нивното доаѓање направи навистина голема сензација и во регионот и пошироко. Анџелина Џоли од возбуда и од среќа заплака на сцената на Народниот театар во Сараево, велејќи дека до овој филм не знаела какви талентирани уметници има во овој дел од светот. Нејзиниот филм ќе ја има својата премиера во Венеција.
Инаку, главната награда на фестивалот му припадна на австрискиот филм „Дишење“ на Карл Маркович. Овој филм беше прикажан и на фестивалот во Карлови Вари и предизвика огромно внимание и одличен прием. „Дишење“ е филм за едно напуштено дете, кое растело по домови и кое по излегувањето од затвор се обидува да ја најде својата мајка. Направен во многу реалистичен стил, речиси документарно, тоа е филм кој е многу впечатлив, кој боли и кој успева да предизвика многу емоции. Жирито на чело со израелскиот режисер Ари Фолман реши „Срцето на Сараево“ да му го даде на овој филм, но исто така и наградата за главна машка улога за одличната ролја на Томас Шуберт. Главната награда носи и 25.000 евра, а наградата за улога 2.500 евра. Наградата на Шуберт му ја додели Анџелина Џоли.
Специјалната награда на жирито му припадна на бугарскиот роуд муви „Аве“ на Константин Бојанов, кој успева низ една необична љубовна приказна да направи портрет на младата генерација во својата земја. Додека наградата за главна женска улога ја освои преубавата Романка Ада Кондеску за ролјата во филмот „Љубовџија“ на Каталин Митулеску. Интересно е дека Кондеску играше заедно со Георг Пистереану, кој и овде игра главна улога, во филмот „Ако ми се свири, ќе свирам“, кој и на двајцата им донесе меѓународна препознатливост.
Годинава во Сараево беше прикажан и македонскиот филм „Мајки“ на Милчо Манчевски во програмата „Во фокусот“. Манчевски беше и на чело на жирито за краток филм, кое главната награда му ја додели на хрватскиот „Мезанин“ на Далибор Матаниќ. Во оваа програма беа прикажани 11 филма, а жирито додели и две Специјални плакети за бугарскиот „Втор дубл“ на Надејда Косева и на уште еден хрватски, „Дове сеи, Амор мио“ на Вељко Поповиќ. Оваа година и во жирито за документарен филм имавме македонски претставник. Имено, Билјана Гарванлиева, која беше поканета и како предавач на работилницата за документарен филм, беше и член на жирито. Во оваа програма за најдобро остварување беше прогласен босанскиот „Мобител“ на Неџад Беговиќ.
На Сараевскиот фестивал беа прикажани над двесте филма, а посетеноста, која секогаш е огромна, и оваа година се брои во илјадници гледачи. Во Сараево дојдоа Вим Вендерс, Тери Џорџ, Мајкл Фасбиндер и Кери Фукунага кои со „Џејн Ејр“ го отворија Карлови Вари, потоа Џошуа Марстон, како и Шарлота Ремплинг која беше кустос на наградата „Кетрин Картлиџ“. Оваа награда и парична поддршка, која се дава на млад автор што се истакнал со дела во кои се гледа независниот дух и особен интегритет, годинава и' беше доделена на египетската писателка и режисерка Нала Лотфи. А покрај Џоли, почесна награда, во отсуство, му беше дадена на затворениот ирански режисер Џафар Панахи. |